Охрид

До крајот на годинава Студенчишкото блато ќе биде заштитено

03.05.2018 14:22

Студенчишкото блато, како интегрален дел на Охридското Езеро до крајот на годинава ќе биде соодветно заштитено. Тоа повторно ќе се поврзе со езерото, а делот кој што е трајно уништен поради човечка негрижа ќе биде валоризиран како туристичка атракција. Ова беше речено на Меѓународната конференција во Охрид на која учество зедоа еминентни експерти од светот за блатни системи.

Охридското Езеро и Студенчишкото блато како негов интегрален дел се скапоцен камен кој што мора на вистински начин да се вреднува и заштитува. Тие се ресурси кои имаат огромно значење за економскиот развој на градот и регионот, но мора соодветно да се користат, без да се нарушува нивниот еко-систем, особено при урбанизацијата и управувањето со земјиштето. Ова е ставот на експертите од светот кои учествуваат на Меѓународната конференција за блатни системи во Охрид.

„Го посетив Охрид во 1974 година и можам да кажам дека има големи промени кога станува збор за Студенчишкото блато. Тоа е многу намалено, но тоа што останало не смее да се запостави. Мора да се работи на заштитата на овој преостанат дел и негово поврзување со езерото“, изјави Јос ВерховенЕвропски органок на Друштвото на научници од областа на блатни екосистеми(SWS).

Во наредниот период ни остануваат неколку работи. Ни остануваат прогласувањето на Охридското Езеро и Студенчишкото блато-впишување во листата на РАМСАР заштитени подрачја, со што уште повеќе ќе му дадеме значење на природните вредности на овој дел од Македонија“, вели Трајче ТалескиГраѓанска иницијатива Охрид SOS.

 Локалната и централната власт ќе дадат максимална подршка за заштита на последното парче блато во охридскиот регион.

„Општина Охрид уште со новиот мандат во октомври и ноември 2017-та јасно го дефинира Студенчишкото блато како проект кој мора да биде завршен во 2018-та година и она што дефинитивно ќе следи е завршување на Студијата за Студенчишкото блато и понатака следи акција, а тоа е заштитана Студенчишкото блато и валоризација на вредностите на тоа блато“, вели охридскиот градоначалник, Јован Стојаноски.

„Во изминатиот период стратегиите кои што беа донесени нецелосно се реализираа, не толку од финансиски аспект колку повеќе од човечкиот фактор, бидеќи капацитетите на национално, но и на регионално и локално ниво не беа доволно зајакнати“, изјави Александар Настов од Министерство за животна средина.

На конференцијата на која учествуваат 50 врвни експерти за блатни системи од целиот свет ќе биде усвоена декларација за заштита и ревитализација на Студенчишкото блато и Охридското Езеро.

 

Сашо Нелоски