Нов стратегиски концепт

28.06.2022 09:18

На 29-ти и 30-ти јуни во Мадрид, Самит на НАТО на кој треба да се усвои новиот стратегиски концепт на Алијансата...

Русија е директната закана за сојузниците, за првпат во Мадрид на самитот на НАТО ќе се разговара и за Кина, за заканите за безбедноста, интересите и вредностите. Покрај апликациите за проширувањето на НАТО од Шведска и Финска, главни теми на состанокот на највисоко ниво на Алијансата се и кибернетичкиот и хибридниот тероризам, најави шефот на НАТО Столтенберг.

За првпат во историјата на Северноатлантската алијанса, на самитот на лидерите на членките во Мадрид, ќе учествуваат и Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Република Кореја. Се проширува и бројот на посматрачите со претставници од Европската Унија и од Грузија. Алијансата не го менува ставот за Стокхолм и Хелсинки за членство во сојузот, но сепак ставот е сега поумерен поради турското противење поради Курдската работничка партија.

„Целта на овие средби е напредок во пристапувањето на Шведска и Финска во НАТО. Нема да ветам ништо, но можам само да потврдам дека работиме активно да го обезбедиме напредокот, бидејќи процесот на апликација на Шведска и Финска да се зачленат во НАТО е историски, ја засилува безбедноста на двете земји, го зајакнува и НАТО и ќе придонесе за стабилноста на евроатлантската област, на Европа и на Северна Америка. Но, сега прерано е да се предвидува за напредокот што треба да биде направен на Самитот во Мадрид“, изјави Јенс Столтенберг генерален секретар на НАТО.

НАТО го засилува источното крило со трансформирање на борбените групи во бригади, така што силите за брза интервенција ќе бројат 300 илјади припадници.

„Целта на ова зголемено присуство е фактот што ние сме подготвени да ја чуваме безбедноста на Литванија и на сите балтички земји. Со возвраќањето ние сакаме да го спречиме, а не да го предизвикаме конфликтот. Затоа мислам дека Путин ја разбира колективната безбедност на сојузниците, бидејќи нападот врз една ќе предизвика одговор од сите земји членки на НАТО“, изјави Јенс Столтенберг генерален секретар на НАТО.

Столтенберг дополни и дека Москва ја модернизирала опремата во Калининградската област и затоа НАТО го зголемил присуството на Прибалтикот.

Зоран Богатинов