Штрајкот продолжува

28.06.2022 15:18

Сојузот на синдикати на Македонија на протест пред Министерство за труд и социјала ги повтори барањата за линеарно зголемување на платите за 2,806 денари и враќање на К-15...

20 дена преговори, една средба со медијаторот и пет дена генерален штрајк. Велат дека не се откажуваат од барањата, но единствениот прогрес на Сојузот на синдикати беше тоа што на протестот пред Министерството за труд и социјална политика, на средба ги покани министерката Тренчовска.

ССМ ги бара 2.806-те денари веднаш, а министерката инсистира на системско решение. Изработка на нов закон за платите, нов систем за плати за да се избегнат неправилности, како и К-15 и нов Колективен договор, тоа е патот по кој Владата сака да оди во преговорите и договорите со ССМ.

Од ССМ бараат прецизен одговор или зголемување од 2.806 денари или 18,4 повисоки плати согласно колективниот договор.

„Ако е подготвена Владата и не поддржува министерката, како што вели, за едно трајно решение, значи кажете ни, во септември ќе ви ги покачиме платите законски за 18,4% за ние да знаеме како и што да правиме до септември и ќе им бидеме благодарни за тоа покачување од 18,4% согласно закон“, порача Дарко Димовски, претседател на ССМ.

„До септември ќе изнајдеме заедничко решение со Синдикатот и ќе потпишеме општ колективен договор, ќе го започнеме процесот на подготовка на плата и нема да има потреба за вакви чекори од страна на Синдикатот“, изјави Јована Тренчовска – министерка за труд и социјална политика.

И по средбата нема отстапување од ставовите. Единствениот договор е дека социјалниот дијалог ќе продолжи. Синдикалците разочарани освен што не се прифатени нивните барања, и дека Владата го враќа недела како работен ден за работниците во туристичките места.

Катерина Топалова