Расте бројот на заразени

28.06.2022 17:13

Министерот за здравство потврдува дека во земјава, како и во Европа, е регистриран благ пораст на новозаболени од Ковид-19...

По растот на новозаболени од Ковид-19 во Европа, и во земјава е регистриран благ пораст на нови случаи. Комисијата за заразни болести, по два месеца, за утре закажа состанок, иако како што вели првиот човек на македонското здравство, Беким Сали, состојбата сè уште не е алармантна. Тој не прецизираше дали се можни итни рестриктивни мерки, но укажа дека мора да се направи анализа и доколку има потреба, навреме да се делува.

„Зависно од неделните анализи што ќе кажат, доколку дојдеме до нив, тоа знаете е со градација, скалесто, како што се зголемува бројот на новозаразени, зависно во кој период и кои ни се целните групи така носиме и одлуки за заштита односно рестриктивни мерки. Јас посакувам да не се вратиме на старото, но мора да бидеме спремни, внимателни“, истакна министерот за здравство, Беким Сали.

Министерот повика граѓаните да бидат внимателни и да ги почитуваат препораките за заштита од инфекција од Ковид-19.

„Одржување хигиена, носење маска во затворена просторија, сè уште како мерка не сме ја донеле но следно би било тоа, и одржување на личната хигиена којашто е многу значајна за заштита од Ковид-19“, истакна Сали.

Министерот Сали од крводарителска акција во Куманово, посочи дека земјава е една од најорганизираните, па последниве години не се случило да се јави недостаток на крвни единици. Тој апелираше граѓаните да даруваат крв, и да спасат човечки животи.

Елена Георгиевска