Ратификувана анексија

04.10.2022 15:36

Горниот дом на рускиот Парламент гласаше за одобрување на анексијата на четири украински региони кон Русија...

Горниот дом на рускиот Парламент гласаше за одобрување на припојување на четири украински региони во Русија, додека Москва се подготвува формално за анексија на територијата што ѝ припаѓаше на Киев за време на нејзиниот седуммесечен конфликт.

Според извештаите на властите инсталирани од Русија, Украина остварила повеќе придобивки на бојното поле, заземајќи територии десетици километри зад претходните фронтови во јужниот регион Херсон.

Во меѓувреме, почнаа напорите за чистење на неодамна ослободените улици на Лиман во Доњецк. На снимките се гледаат тела на руски војници расфрлани низ градот и згради во урнатини.

„Ние се бориме за нашата земја, за нашите деца, за нашиот народ да живее подобро, но сето тоа има многу висока цена“, рече украински војник.

Украинскиот претседател Зеленски објави дека украинските борци кои со месеци беа затворени од Русија се обединиле со нивните семејства. Ослободувањето на борците од Азов, кои ја бранеа фабриката за челик Азовстал, беше обезбедено преку размена на затвореници од висок профил во септември.

„Конечно, успеавме да организираме средба на нашите момчиња, команданти на Азовстал, со нивните роднини. Средбата се одржа во Турција, каде што се нашите војници, согласно договорот за нивно ослободување. Тие се целосно безбедни – со гаранции на турскиот претседателот, Ердоган. Обезбедени им се соодветни услови“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зеленски го пофали и напредокот на украинската војска.

„Продолжи и офанзивното движење на нашата армија и на сите наши бранители. Во неколку региони има нови ослободени населби. Продолжуваат жестоките борби во многу области на фронтот“, додаде Зеленски.

Советот за национална безбедност и одбрана на Украина донесе одлука за неможност да се преговара со рускиот претседател Путин, се наведува во указот потпишан од Зеленски. Одлуката ги прецизира начините за спротивставување на обидите на Москва за анексија на украински територии.

Марина Ристова