Обвинение против Зеќири

04.10.2022 15:36

Поднесено обвинение против поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Се товари дека со два договори за консултантски услуги го оштетил буџетот за речиси 1,5 милион евра...

Без тендер, заобиколувајќи го Законот за јавни набавки, поранешниот генерален секретар на Владата Мухамед Зеќири потпишал два договори за консултантски услуги со две фирми, е наведено во обвинението коешто против него е веќе поднесено. Освен него, во случајот се опфатени и хрватски државјани кои засега не им се достапни на органите на прогонот. Од Обвинителството велат дека Зеќири лани склучил договор тежок 795 илјади евра со фирма за консултантски услуги, основана само дваесетина дена пред да се потпишат документите. Потоа, оваа фирма склучила договор за консултантски услуги за проценка на вредноста на АД Пошта со вториот обвинет хрватски државјанин во износ од 130 илјади евра. Обвинителството собрало докази дека со овој договор буџетот е оштетен за безмалку 58 милиони денари.

Обвинетиот како службено лице – Генерален секретар на Владата, искористувајќи ја својата службена положба и овластување постапил спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и во два наврати, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка во која на конкурентен начин би се одбрало правно лице за спроведување на потребните активности, склучил два договора со две правни лица како даватели на услуги. – стои во соопштението од обвинителството.

Вториот договор за консултантски услуги тежок 772 илјади евра бил за поддршка на потенцијалната приватизација на МЖ-Транспорт и бил склучен месец дена подоцна со друга консултантска фирма. Од обвинителството велат дека со двата договори, државниот Буџет е оштетен за 1,4 милиони евра.

Адвокатот на Зеќири, Мирослав Вујиќ вели дека сè уште го нема добиено обвинението.

Истрагата за случајот почна во април годинава, а Зеќири поднесе оставка.

Во обвинението стои дека Зеќири сторил злоупотреба на службената положба и овластување, а делото за кое се товари го сторил со умисла. Обвинителот побарал од судот да ја продолжи мерката куќен притвор која претходно му беше изречена.

Анита Димитријевска Велковска