Македонија

Африканска свинска чума во неколку кумановски села

04.10.2022 18:03

Африканска чума се појави и во североисточниот регион. Во кумановско Долно Којнаре е регистрирана болеста. Надлежните со апел до сточарите доколку забележат каква било промена кај свињите, веднаш да пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство или ветеринарните амбуланти...

Африканска чума е потврдена во едно одгледувалиште на свињи во кумановско Долно Којнаре. Агенцијата за храна и ветеринарство изврши депопулација на 26 животни, откако две веќе биле угинати. Донесена е забрана за движење и промет на свињи од наведеното место, а се спроведува и вонреден попис. Дефинирана е зона во радиус од три и десет километри. За уништените грла сточарите ќе бидат обесштетени. Угинати свињи биле откриени првин на депонија во липковско, но засега таму нема потврдено присуство на африканска чума. Ова е прв случај на појава на оваа свинска болест во кумановско.

„Огромна економска штета, предизвикува болеста. Ако земете во јануари болеста за прв пат се појави во Делчево, потоа во јуни почна полека да се шири на запад, и ги зафати Виница, Кочани, Облешево, сега е дојдено веќе во Куманово. Се шири болеста“, вели Вања Кондратенко, раководител на Секторот за здравствена заштита при Агенција за храна и ветеринарство.

Од агенцијата нагласуваат дека продолжуваат со вонредни испитувања во кумановско и околината.

„Апел повторно до сите луѓе кои чуваат свињи, да избегнуваат контакти со други луѓе кои чуваат свињи, да не одат на лов и доколку забележат промени, веднаш да ги информираат ветеринарите дали инспекција или надлежниот ветеринар, затоа што е многу сериозна болеста и нема спас“, дополни Кондратенко.

Заради појавата на оваа свинска болест заседаваше и општинскиот кризен штаб. Штабот бара Дирекцијата за заштита и спасување да им отстапи соодветна механизација, за опремување на две екипи за теренска работа.

Елена Георгиевска