Енергетска криза

Мицкоски ги изложил предлозите за излез од кризата, Владата ќе ги разгледува

04.10.2022 19:58

Средба на премиерот и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на која се разговараше за енергетската криза и за начините како да се ублажат последиците од неа. Според Мицкоски, треба да се обезбеди евтин ресурс со кој ќе може да се обезбеди поевтина струја од онаа на берзите за им се помогне на граѓаните, стопанството и државата. Владата ќе ги разгледа предлозите...

И по состанокот со премиерот Ковачевски, претседателот ВМРО-ДПМНЕ и понатаму изразува загриженост, пред сè поради изгубено време. Токму затоа, вели Мицкоски, прво сценарио кое го имаме, да ги активираме сите расположливи домашни капацитети, тешко ќе се реализира.

Понудата која тој ја достави до економскиот тим на Владата се однесува на увоз на евтини енергенси од земји од Западна Европа, а електричната енергија која ќе биде произведена да биде наменета на стопанството. Контакт лице за соработка од страна на Владата е министерот за економија, Крешник Бектеши.

„Вториот предлог е дополна на законот за енергетика, кој освен здравствените и образовни установи, ќе ги опфати и јавните претпријатија кои се комунални и водостопански дејности“, рече Мицоски.

„Средбата со лидерот на опозицијата, помина во добар дух, а барањата на ВМРО-ДПМНЕ не се отфрлени“, изјави премиерот Ковачевски по состанокот,

Тој додаде дека Владата продолжува со пакетот на мерки со цел да се намалат последиците и за стопанството, но и за граѓаните.

„Дополнителни анализи ќе бидат направени за основното барање на ВМРО-ДПМНЕ за префрлување на јавните комунални претпријатија на регулиран пазар. Разбирливо е дека тоа им беше главно барање, бидејќи ги имаат најголем број од градоначалниците. Ние го немаме тој луксуз, мораме да се грижиме за сите подеднакво“, рече Ковачевски.

Премиерот дополни дека билатералните преговори со соседните држави, околу набавка на нивниот вишок на енергија, продолжува. Утре е состанокот на Економскиот совет.

Марина Стојанова Тонева