Нов бран руски напади

27.01.2023 12:16

Нов бран руски напади, има жртви. Експлозии и околу Запорожје. Уништена е енергетската инфраструктура. Обединетите нации најавуваат мигрантски карван...

Русија почна нов бран напади откако Украина си обезбеди тенкови. Десетина лица загинаа во последните бомбардирања во кои, според Киев, биле испалени 50 проектили и 20 дронови.

„За овој терор на Русија се потребни асиметрични одговори. Потребно ни е ново движење на силите на фронтот. Мора да се обезбедиме сигурен пораз на терористичките сили на терен“, изјави украинскиот претседател Зеленски.

Поради оштетување на енергетската инфраструктура, Одеса, Киев и Виница останаа без струја. Експлозии се регистрирани и во близина на нуклеарната централа Запорожје. ОН предвидуваат нов бран раселени лица.

„Еднаш веќе побегнав, сега ќе го сторам истото пак. Се вратив пред 3 месеци бидејќи ми недостигаше градот“.

„Заминувам поради бомбардирањето. Можев да земам само две торби и малку храна. Уште можеме да излеземе, наскоро ќе го затворат градот.“

Унгарија ќе стави вето на какви било санкции од Европската унија за Русија кои влијаат врз нуклеарната енергија. Јапонија почна да додава десетици поединци и организации на оваа листа.

Москва и натаму тврди дека западот сè повеќе се вклучува во војната. Кремљ смета дека клучот за Киев е во рацете на Вашингтон и го поддржа ставот на екс-претседателот на САД Трамп кој инсистира на постигнување договор, а не на милионски пакети помош за Украина.

„Веројатно, теоретски, господин Трамп не е далеку од вистината: американскиот претседател, доколку сака крај на конфликтот, може да го стори тоа многу брзо, користејќи ја можноста да му даде насоки на режимот на Киев“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

„Киев врши притисок врз Украинската Православна Црква, ја користи како алатка за да се предизвика непријателство“, тврди рускиот патријарх Кирил.

„Се засилуваат повиците за целосна забрана на канонската православна црква. Ова може да се толкува како дел од светската надворешна наредба за уништување на православието во Украина. Помирувањето е невозоможно без УПЦ која е независна од политичките фактори“, рече патријархот Кирил, поглавар на РПЦ.

Украинската Православна Црква, која ѝ беше лојална на Московската патријаршија од 17 век, прогласи независност во 2022 година.

Маја С. Филдишев