Расте бројот на заразени

27.01.2023 14:14

Од 100 до 130 дечиња за едно деноноќие прегледуваат лекарите во Институтот за белодробни заболувања – „Козле“...

Висока температура, отежнато дишење, исцрпувачки кашлици, од 100 до 130 деца со овие симптоми за едно деноноќие прегледуваат лекарите во Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“. Хоспитализирани се 40 – најчестите пациенти се доенчињата и децата кои одат во градинка. Причина се сезонскиот грип и синцицијалниот вирус.

„Во принцип тоа се помали дечиња, 70 проценти се помали од три години и сите со потешки бронхопневмонии. Моментално имаме две дечиња на кислородна поддршка, кои се новопримени. Помалите дечиња кои доаѓаат имаат потреба од кислородна поддршка. Тоа е мала бројка, но секогаш има по некое дете. Исто така имаме и две дечиња со Ковид“, изјави д-р Бешник Зекири, директор на клиниката за белодробни заболувања „Козле“.

Минатата недела во земјава се пријавени над илјада и сто случаи на заболени од грип, за 15 насто помалку од претходната, објави Институтот за јавно здравје. Три седмици по ред надминат е епидемиолошкиот праг во сезоната на грип.

Врвот се очекува во февруари, една до две недели откако децата се вратени во училишните клупи.

Лекарите советуваат родителите да не ги носат болните деца во градинка или во училиште, бидејќи колективниот престој овозможува побрзо ширење на вирусите.

Од почетокот на сезоната од грип заболеле повеќе од 4.200 граѓани, тројца се починати. Согласно податоците, во земјава вирусот на грип е распространет со висок интензитет.

 

Андријана Ѓурческа