Политика

Не стивнуваат реакциите по заострување на односите Скопје-Софија

27.01.2023 14:54

Не стивнуваат реакциите и ставовите по заострување на односите Скопје-Софија. Бугарија по службен пат ќе бара да им се обезбеди пристап на луѓето на чествувањето на Гоце Делчев на 4-ти февруари. Македонското МНР упати писмо до Европскиот парламент да се осудат изјавите на европарламентарецот Џамбаски. Секој напад врз македонскиот идентитет ќе ја усложни ситуацијата во земјава, оценува шефот на државата Пендаровски...

Бугарија ќе бара со нота да им се овозможи пристап на луѓето до споменикот на великанот Гоце Делчев, кои ќе дојдат во земјава на чествувањето на неговиот роденден, на 4-ти февруари, соопшти министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков. Вели, клучно е да се обезбеди безбедност и спокој на Бугарите таму. Сакаме да постигнеме деескалација. За евентуалната забрана на европратеникот Џамбаски да влезе во земјава. Шефот на дипломатијата посочи дека тоа би било чин без преседан.

„Ако тоа се случи, тоа ќе биде без преседан. Немам информации дека две земји-членки ги прогласиле своите граѓани за персона нон грата. Ова ќе биде без преседан и ќе бара одговор без преседан“, вели шефот на бугарската дипломатија, Милков.

Каналите за комуникација не се затворени, вели доскорешниот бугарски амбасадор во земјава Ангелов. „Знаете многу добро дека за почеток на преговори со Унијата, тие треба да ги внесат Бугарите во Уставот“-вели дипломатот. Од друга страна, претседателот Пендаровски со став за уставните промени-потребна ни е атмосфера во која сите проевропски сили ќе може да се обединат, а секој напад врз македонскиот идентитет ќе ја усложни и ситуацијата во земјава-оценува шефот на државата.

„Тој процес нема да биде лесен, а секоја натамошна провокација или атак врз нашиот идентитет, само дополнително ќе го усложнува. Со други зборови, потребен е стабилен амбиент и предвидливост на европскиот пат. Притоа, не смееме да заборавиме дека европските интеграции за нас не значат само добрососедски односи, туку и економски прогрес, сериозни реформи и реална, а не реторичка борба против високата корупција“, нагласи претседателот Пендаровски.

Македонското министерство за надворешни работи упати писмо до Европскиот Парламент со барање за осуда на изјавите на европарламентарецот Џамбаски. Први реагираа европските социјалдемократи. „Ги осудуваме неодамнешните изјави на европратеникот Џамбаски, за навреда и закани кон претседателот на Македонија, како и за бесрамно непочитување на европските вредности. Повикуваме против каква било реторика која промовира националистички идеологии.“

„Изјавите на европратеникот Ангел Џамбаски се во спротивност со основачките принципи на ЕУ и Договорот за добрососедски односи меѓу Северна Македонија и Бугарија. Уверени сме дека безбедносните власти на Северна Македонија ќе направат се за да ги зачуваат мирот, стабилноста и јавниот ред. Групата на социјал-демократите ќе го предочи ова прашање пред претседателот на Европскиот Парламент“.

Европарламентарците го осудија и инцидентот што се случи на 19-ти јануари во Охрид.

Марина Стојанова-Тонева