Брисел

Маричиќ по средбата со Лајчак: ЕУ помага да се забрза пристапниот процес, преземените обврски да се исполнат навремено

19.09.2023 21:19

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ после средбата со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и други прашања на Западен Балкан...

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ после средбата со Мирослав Лајчак, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и други прашања на Западен Балкан, на својот Фејсбук профил напиша дека Европската Унија работи на планот за забрзување на евроинтеграцијата на регионот и дека преземените обврски мора да се исполнат, бидејќи е важно пристапните преговори со ЕУ да завршат побрзо.

Позитивна е атмосферата во Брисел за проширувањето и државите членки на ЕУ ја поддржуваат нашата евроинтеграција, политички момент кој мораме да го искористиме со поголема самодоверба и силна одлучност од сите. Државен геополитички интерес и наша главна цел е членството во ЕУ, затоа наша должност е да останеме на патот по кој веќе успешно чекориме, вели Маричиќ.

Од страна на Лајчак било потврдено дека ЕУ помага да се забрза и достигне членството и затоа ние мораме поскоро да донесеме одлука во наша корист и да не дозволиме да се плашиме за својата иднина, поради внатрешни фактори. Посебен акцент на средбата бил ставен на преговарачкиот процес на Северна Македонија и следниот чекор кој води кон нов напредок и целосно навлегување во преговорите по Кластери, што како што вели Маричиќ ќе наметне и ново темпо на реформите.

На средбата, која се одржа во рамки на посетата на Њујорк, владината делегација предводена од премиерот Ковачевски со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и други прашања на Западен Балкан, Лајчак разговараа и за планот за забрзување на интеграцијата во ЕУ на целиот регион и активностите кои следуваат на тој план, како и за важни политички теми од регионот.