Измените на Кривичниот законик пред Уставен суд
До Уставен суд поднесена иницијатива за оценка на измените на Кривичниот законик. Мицкоски тврди дека екс-премиерот Груевски бил во тајна комуникација со Владата, овој побара да покаже доказ за тврдењата....

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски тврди дека екс-премиерот Никола Груевски е во тајна комуникација со владата. Тој во интервју за германски „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“, вели оти целта е да се подели ВМРО-ДПМНЕ. За да издејствува промени во преамбулата на Уставот, владата подготвува валкани дилови, тврди Мицкоски, според кого, на Груевски му е ветена кривична неказнивост за да се врати во земјава и да се протуркаат уставните измени.
Се огласи и Никола Груевски, тој го повика неговиот наследник јавно да одговори и да даде доказ дека се обидел да ја подели ВМРО-ДПМНЕ и дека прифатил валкана игра со власта, која треба да ја спроведе со помош на негови приврзаници во партијата за уставни измени.
За Никола Груевски нема да има амнестија и ќе биде уапсен во истиот моментот кога ќе стапне во земјава, порачуваа социјалдемократите. Од владејачката партија велат дека Груевски бил вистинскиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Откако измените во Кривичниот законик го поминаа собранискиот филтер, лидерот на ДУИ предизвика внимание со низа тврдења дека истите се договарале и во времето на Заев и Груевски.
Претседателот Пендаровски обелодени дека годинава, од структури блиски до опозицијата и поранешни политичари му биле упатени предлози да размисли за помилување на одредени политичари, но тој тоа го одбил. Во меѓувреме, лидерот на Демократскиот сојуз и пратеник, Павле Трајанов, поднесе иницијативата до Уставниот суд со која бара преиспитување на измените во кривичниот законик. Груевски, Заев и Османи негираа дека имало тајни средби за Кривичниот законик.
Викторија Милевска