Доделени 20 стипендии „Борис Трајковски“

28.09.2016 13:53

Претседателот на републиката, Ѓорѓе Иванов по седми пат ги додели стипендиите кои го носат името на трагично загинатиот претседател „Борис Трајковски“.

Дваесет македонски студенти ќе студираат на реномираниот „Сити Колеџ“ во Солун. Претседателот на републиката, Ѓорѓе Иванов по седми пат ги додели стипендиите кои го носат името на трагично загинатиот претседател „Борис Трајковски“.

„Многумина се пријавија на овој конкурс. Но, малкумина беа избрани. Вие сте најдобрите од најдобрите. Инвестираме во вас со цврсто уверување дека ќе бидете добри претприемачи и менаџери, со успешна кариера, но и со одговорност кон општеството. Вашите идни успеси ќе бидат и успех на Република Македонија“, рече претседателот Иванов.

Заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски посакувајќи им успех на стипендистите истакна дека досегашното искуство со македонските студенти, кои веќе студирале пред нив на оваа програма, покажува дека времето поминато во една ваква интернационална образовна средина, дава нова перспектива кон современиот бизнис свет.

Стипендиите „Борис Трајковски“ се доделуваат секоја година врз основа на протокол за соработка со „Сити Колеџот“ од Солун.