Се намалува бројот на заболени од туберкулоза
Лани во Македонија биле регистрирани 267 новозаболени од туберкулоза. Сепак, забележителен е трендот на намалување на болните. Според надлежните, годинава пак, расте бројот на заболени деца. И натаму, најризични групи се лицата во затворите и во психијатрсиките болници. Кај нас туберкулозата се лекува бесплатно.

Од инфективниот убиец туберкулозата - во земјава лани заболеле 267 граѓани, 20 починале. Забележан е тренд на намалување, но надлежните алармираат, во пораст е детската туберкулоза. Според лекарите, децата во околината не ја пренесуваат болеста, но доколку во семејството има болен лесно се инфицираат. Минатата година 25 деца заболеле од туберкулоза.
„Дечињата не исфрлаат бактерии во околината и трансмисијата кај нив е речиси неможна. Доколку се работи за поголеми деца, на 14 годишна возраст, тука се можни случаи на позитивен наод на бактерии во искашлокот. Како и да е, овие деца се инфицирале и се разболеле, а тоа треба на нас, на здравствените структури да ни укаже на поголема контрола во тој регион за ваквата трансмисија во семејствата да биде сведена на минимум“, изјави д-р Биљана Илиевска- Поповска, директор на Институтот за туберкулоза.
И натаму најризични групи се луѓето кои се наоѓаат во затворите и во психијатриските болници. Таму туберкулозата најбрзо се шири. Министерството за здравство годинава издвои 25 милиони денари за борбата против оваа болест. Теренски ќе се проверуваат ризичните групи. Лекувањето на болните е бесплатно.
„Важно е навремено да се посомневаме, за да може навремено да се открие туберкулозата. Тоа важи за пациентите за лицата кои би имале симптоми слични на туберкулоза навремено да се јават на лекар, но и лекарите да ги проверат овие пациенти дали се заболени од туберкулоза. Иако велиме дека е болест од минатото, се уште ја има“, вели д-р Јованка Костовска, Министерство за здравство.
Според Светската здравствена организација, од туберкулоза лани заболеле повеќе од 10 милиони луѓе во светот.
Андријана Атанасовска
