Регионален научен пристап во Скопје за спречување на мигрантската криза
Како да се спречи можната мигрантска криза? Кои се искуствата од меѓународните интервенции на Блискиот Исток и во Северна Африка? Регионален научен пристап во Скопје. Неопходна е соодветна свест кај жителите, институциите и меѓународната заедница...

Регионот се подготвува за можна, нова мигрантска криза. Во такви услови е потребна размена на искуствата и вештините во процесот на јакнење на капацитетите. Деканот на Филозофскиот факултет, Дуев, најави организирање на летна школа за обука, бидејќи вели, човечките ресурси се најважниот сегмент во превенцијата од непредвидени кризи.
„Иако можеби некои сметаат дека тоа е минато, сепак како стојат работите, тој процес ќе трае и во иднина“, изјави проф. д-р Ратко Дуев.
За дел од универзитетските професори, безбедносните аспекти, последиците од меѓународните интервенции на Блискиот Исток и во Северна Африка, беа причината за мигранските бранови. Велат, Македонија беше прва на ударот, а стекнатите искуствата се добар прирачник за другите земји од регионот.
„Првиот удар пред две години беше најтежок, од што извлековме одредено искуство, но тоа е недоволно, затоа работиме на едукација, за да ја подигнеме свеста кај граѓаните, државните институции и меѓународната заедница“, изјави д-р Неџат Корајлиќ, декан на Универзитетот во Сараево.
„За ваква ситуација Република Хрватска има одговор како да ги згрижи тие луѓе, и со одредени политики на Европската унија да ги упати каде живеат, иако тие добро знаат каде одат“, вели проф. д-р Иван Наѓ, продекан на Универзитетот од Велика Горица.
На научната конференција се дебатираше за позитивните и за негативните примери во соработката меѓу државите, како и за активирање на меѓународна помош.
Марина Стојанова- Тонева
