Расте бројот на пациенти поради аерозагадувањето, на Пулмологија отворена дополнителна амбуланта

14.12.2017 16:00

Болниците се полнат со пациенти. На Пулмологија отворена дополнителна амбуланта. Препораката останува- терапијата редовно да се зема, непотребно да не се излегува надвор, ако се мора да се носат заштитни маски. Синоптирачите со прогноза дека магловито ќе биде и во текот на утрешниот ден...

Расте бројот на пациенти кои поради аерозагадувањето побарале помош на Клиниката за пулмологија. Затоа, како што вели директорот Докиќ, отворена е и дополнителна амбуланта со цел да ги прими сите пациенти со приоритетни упати. Со најлоша клиничка слика се хронично болните- оние со пневмонија, бронхитис, астма, белодробни фибрози.

„Аерозагадувањето смета не само на хроничните пациенти, туку е штетно и за здравјето на сите здрави индивидуи, поради тоа што предизвикува воспаление на слузокожата од носот и горните и долните дишни патишта, што може да се манифестира со кашлица, иритација во очите, гребење во грлото, потешкотии во дишењето“, изјави Дејан Докиќ • директор на Клиниката за пулмологија и алергологија.

Препораката е иста секоја година. Терапијата редовно да се зема, непотребно да не се излегува надвор, да се филтрира воздухот и да се носат заштитни маски.

Екипата на МТВ денеска разговараше и со синоптичарите од УХМР. Тие велат дека маглата нема да се крене во текот на денешниот ден, а исто така магловито време не очекува и во текот на утрешниот ден.

Магла, велат познавачите има во скопската котлина, додека на другите места имало дури и сончево време.

„До крајот на денот сепак маглата нема да се крене во скопската котлина, иако е помалку ветровито и во северните делови од земјата. Ќе се зголемува облачноста на западот и оваа облачност ќе се проширува и во централните делови од земјата, а услови за краткотраен дожд ќе имаме на запад и на северозапад“, изјави Борис Секирарски, УХМР.

Магловитото време попладне приземји повеќе авиони на скопскиот аеродром, а добар дел од закажаните летови беа пренасочени кон охридската воздушна база.

 

Анита Димитријевска