Жените се помалку платени од мажите
Жените во Македонија за исто работно место добиваат и за 18 проценти пониски плати од мажите. Помалку учествуваат и на пазарот на труд. Се бара спроведување на стратегија за одговорно родово буџетирање.

За исто работно место и со исти квалификации, жените се помалку платени од мажите за 18 проценти. Не се доволно вклучени на пазарот на труд, а зад нив имаат и повеќе прекувремено сработени часови. Овие податоци покажуваат дека и покрај носењето закони и стратегии, потребни се нивна примена и одговорно родово буџетирање.
„Јас се надевам дека оваа стратегија ќе стане реалност и дека импелемтацијата ќе ја направиме и со буџетска поддршка, но исто така и буџетите конечно ќе станат родово одговорни, буџети кои што даваат слика како ги трошиме парите и како тие влијаат на едната или на другата група граѓани“, изјави Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.
За да има напредок на полето на родовата еднаквост, потребни се специјални индикатори- велат од Канцеларијата за жени на Обединетите нации.
„Во глобалната развојна агенда мерењето на прогресот за родова еднаквост ќе се прави преку еден соодветен индикатор кој ќе мерки колку средства се алоцирани за да ја следат и унапредуваат родовата еднаквост. Прогресот нема да се мери по изменети закони и механизми, туку според буџетските алокации“, вели
Доминика Стојановска, раководител на канцеларијата на UN women во Скопје.
Проблем претставува што буџетските корисници немаат капацитет да изготвуваат политики кои се сензитивни кон родовите прашања- велат од Министерството за финасии. Посочуваат и дека самиот буџетски процес не е соодветен.
„Ние сме свесни за ова и работиме на изготвување на нов закон за буџети и кога ќе се смени тој процес на буџетирање и ќе биде воспоставен нов, тој ќе биде поотворен и приспособен за вклучување на родови аспекти во буџетот“, вели Бранимир Јовановиќ, претставник од Министерството за финансии.
Според надлежните, иако во земјава пет години е воведена стратегијата за родово одговорно буџетирање, државата воопшто не издвојувала пари.
Андријана Атанасовска
