Караџовски: На судството не му се потребни памфлет- реформи
На судството не му се потребни памфлет- реформи, имам капацитет да го спроведам она што е зацртано со владината стратегија- вели првиот човек на Судскиот совет, Зоран Караџовски. Побара повисоки плати за судиите, вети и подобри услови за работа. Очекува зголемување на хонорарите на поротниците...

Ниту ѝ се додворувам, ниту пак сум во романтична врска со власта, рече претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски. Според него, последниот избор на судиите и претседателите на судови, кога оценката не беше пресудна во донесување на одлуките, е резултат на личниот интегритет на членовите на Советот. Тој, пак, вели дека има кредибилитет да ги спроведува реформите во судството предвидени со стратегијата на ресорното министерство.
Критиките за работата на Судскиот совет од меѓународните организации се однесуваа само на периодот пред 2014-та година, кога јас не бев на чело на Советот, додаде Караџовски. Смета дека при изборот на јавниот обвинител била прекршена процедурата во Собранието, иако за тоа е најповикан Советот на јавни обвинители.
Не ни требаат реформи како памфлет, рече Караџовски, бидејќи смета дека во Советот за реформи во правосудството во Министерството за правда нема соодветни кадри и дека судиите во него биле номинирани од власта. Не гледа ништо сомнително во историското менување на распоредот од 11 пати од страна на претседателот на Врховен, Вангеловски. А извештајот за евентуална злоупотреба на АКМИС системот, Советот не можел да го разгледа поради немањето на безбедносни сертификати на некои членови.
Според него, во стратегијата за реформи во праводуството на актуелната власт, СЈО како дел од Јавното обвинителство на Република Македонија треба да се внесе час поскоро, а не од 2019-та година како што е предвидено. Најави подобри услови за работа на судиите и службениците, бидејќи нивните плати се на најниско ниво во Европа. Очекува сто процентно зголемување на платите на поротниците. Апелираше власта да не го крши Законот за судски буџет.
Фиљана Кока
