Администрација

Нема плата без усогласен регистар на вработени во институциите

22.02.2018 15:12

Нема да има плата за административците ако не им се внесат податоците во информатичкиот систем. Институциите имаат рок од три месеци да го пополнат регистарот. До крајот на март ќе се знае точната бројка на вработени во јавниот сектор...

Административците нема да земат плата, ако податоците за нивните вработени во Регистарот на информатичкиот систем не се совпаѓаат со поднесената пресметка за месечен надоместок. Механизам со кој владата ќе ги притиска работодавачите во јавниот сектор, да ги ажурираат информациите за лицата што работат во институциите. До крајот на март ќе се знае точната бројка- тврдат надлежните. Имаат рок од три месеци, законските прописи чекаат објава во Службен весник.

„Проверката ќе се врши автоматски, при поднесување на пресметките на плата на јавниот сектор. И во случај кога податоците не се усогласени, системот за плата на УЈП ќе јави грешка и работодавачот од јавниот сектор ќе треба да изврши ажурирање на податоците во Регистарот. Препорачуваме пред да започне примената на новите законски одредби, односно во претстојните три месеци работодавачите од јавниот сектор да извршат целосно пополнување на податоците во Регистарот со што ќе се избегне појава на грешка при вршењето на контролата на податоците од страна на УЈП“, вели директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Од 1.303 институции во јавниот сектор, 259 не ги внеле податоците за човечки ресурси. 170- тина, пак немаат активна систематизација, а 86 иако ја имаат, не ги ажурирале информациите за вработените.

Од Министерство за информатичко општество велат дека и по две години конечната бројка не се знае бидејки системот за кој биле потрошени над два милионa и 100 илјади евра не бил соодветно дизајниран да ги дава потребните информации.

„Тоа не се барало. Во времето кога системот е правен, тоа било државна тајна. Целосно ажириран и пополнет Регистар ќе даде јасна слика за моменталната состојба во администрацијата, за бројот на слободни работни места, старосната структура, бројот на лица кои се пред пензија и многу други податоци. За пополнувањето на слободните работни места ќе може да се најде соодветен кадар кој ги исполнува потребните критериуми и ќе може да се преземе од трансфер листата“, посочува министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски.

Раководителите на секторите кои нема да ја завршат обврската ќе се соочат со Државниот управен инспекторат, а институциите ќе бидат транспарентно обајвени на интернет страницата на Министерството за информатичко општество, вели Манчевски. И покрај тврдењата за превработеност, министерот тврди дека точната бројка на администрацијата нема да значи отпуштања на вработени, туку ќе ја отвори можноста за трансфер согласно со законот.

Сузана Фиданска Стоевска