Иванов бара детални информации за рамката за името, во Грција оптимизам за можно решение
Претседателот на државата Иванов бара детални информации за договорената рамка за името за која разговарале Димитров и Коѕијас во Брисел. Од Кабинетот велат- селективно се информира. Во Грција оптимизам за можното решение. Поранешниот шеф на дипломатијата Милошоски, на Фејсбук ја најави средбата Ципрас- Заев во Преспа каде што ќе се објави договореното...

Претседателот Иванов бара информација за договорената рамка за можно решение на разликата за името. Од неговиот Кабинет соопштуваат дека шефот на државата не бил информиран и за последните две средби на министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, ниту за составот, и за работата на правните тимови кој го составуваат билатералниот договор во Атина.
До Кабинетот претходно не бил доставен ниту предложениот пакет за името Република Илинденска Македонија. Предходно во неколку наврати Иванов побарал да му бидат доставени документи поврзани со текот на разговорите, вклучително и нацрт- текстот на билатералната спогодба за надминување на разликата со името, доставен од грчкото МНР. Кабинетот оценува дека се врши селективно информирање на македонскиот претседател.
Досега сум бил принципиелен и останувам доследно да се придржувам на изградените ставови од претходните претседатели на Република Македонија, посочил македонскиот претседател на лидерската средба.
Грчката влада смета дека Димитров и Коѕијас направиле голем напредок во разговорите и дека тие се во финална фаза. Оптимист сум дека е можен договор, изјави портпаролот Ѕанкопулос.
„Во 1944-та грчката влада ја призна малата држава на Република Македонија, што беше дел од тогашната обединета Југославија. Во 1977-ма со потези и пропусти од тогашната влада на Караманлис беше признаен македонскиот јазик. Според тоа, она што треба да го разбереме во оваа фаза е дека со факт што постојат 140 земји, меѓу кои САД, Кина, Индија, Русија, што ја признаваат нашата северна соседна земја под уставното име, ние се стремиме кон договор што во реалноста ќе ги постави работите во нивната точна димензија. Се стремиме кон сложено име што ќе важи за сите, кое ќе биде и во Уставот на соседната земја. Ова е политичката цел“, рече Ѕанакопулос.
Треба да има јасна дистинкција дека стартот на преговорите не е исто што и пристапувањето во ЕУ, вели министерот за надворешни Димитров. Посочува дека има два до три изборни циклуси меѓу двата настани, а пристапувањето е алатка што помага во реформите. Ако го барате истото ниво на демократска зрелост како онаа што се бара за влез во ЕУ тогаш процесот нема смисла, изјави Димитров во Брисел.
Во меѓувреме, грчките медиуми и македонски опозициски пратеници излегоа со неколку фази до ратификацијата на спогодбата во двата парламента на Македонија и Грција. Доколку премиерите Заев и Ципрас постигнат договор, ќе следува негово изгласување во македонското Собрание, а потоа и известување од Грција до НАТО за прием на земјава, но под услов да се направи уставна ревизија.
На крајот од јуни ќе следува и доделување на датум за преговори од Европската унија. Доколку некои пратеници искажат противење за промена на името, СЈО и други владини институции ќе спроведат соодветен притисок, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
Миле Ристески
