Претседателот Иванов нема да го потпише Законот за ратификација на Договорот со Грција
Спогодбата меѓу Македонија и Грција нема уставен основ, излегува надвор од опфатот на резолуциите на Советот за безбедност на ООН и ја доведува Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава. Претседателот Иванов нема да го потпише указот за прогасување на Законот за ратификација на Договорот со Грција...

Претседателот Ѓорге Иванов нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Договорот меѓу Макеоднија и Грција.
„Во извршувањето на функцијата Претседател на Република Македонија секогаш постапувам одговорно и своите права и должности ги вршам според Уставот, законите и интересите на Република Македонија“- наведува во писмото до Собранието, шефот на државата.
Одлуката ја темели врз, како што вели, немање мандат да го потпише Указот и поради неговата конзистентна политика дека не прифаќа идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, јазикот и посебноста на македонската нација.
Според Иванов, спогодбата меѓу Македонија и Грција е надвор од опфатот на резолуциите на Советот на ООН и таа нема уставен основ, односно не е ратификувана во согласност со највисокиот државен правен акт.
Спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Грција, вели во писмото македонскиот претседател. Се повикува и на Кривичниот законик според кој граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава ќе се казни со затвор од најмалку пет години.
Озаконувањето на спогодбата создава правни последици што се основа за кривично дело, нагласува во писмото претседателот Ѓорге Иванов.
