Џон Малкович на „Охридско лето“
Утревечер во рамките на фестивалот „Охридско лето“, посетителите ќе може да проследи уште еден уникатен настан. публиката ќе ужива во настапот на Џон Малкович, еден од најпознатите светски актери во проектот „Пеколна комедија-исповедта на еден сериски убиец“. Овој културен настан предизвика огромно внимание кај вљубениците на уметноста во земјава и странство кои утревечер ќе го исполнат античкиот театар.

Утревечер фестивалската публика на Античкиот театар во Охрид ќе има прекрасна можност да го проследи настапот на ексклузивниот гостин на 63-то издание на „Охридско лето“, големиот светски актер Џон Малкович. Тој во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбејн, како и оркестарот на Виенската академија ќе го изведат проектот „Пеколна комедија-исповедта на еден сериски убиец“. Како што рече Малкович на денешната прес-конференција станува збор за театарско дело кое секогаш ќе биде релевантно затоа што насилството отсекогаш било меѓу нас и ќе опстојува.
„Би рекол дека во својата основа оваа претстава покажува две спротивставени гледишта во однос на казната и ослободувањето. Едното е засновано врз идејата на откупување, а од друга страна е идејата за заштита на населението кое е ранливо и подложно на насилство. Во претставата тие две идеи се наоѓаат во еден масивен и директен конфликт“, изјави Џон Малкович-актер.
Џон Малкович ќе ја испише светската историја на најголемите ѕвезди кои заблескале на Охридско лето, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.
„Тој со својата драмска уметничка вредност прикажана во театарската претстава, „Пеколна комедија-исповеди на сериски убиец“ ќе остави траен белег на нашата најеминентна културно сценска манифестација. Со богатото искуство и харизма како исклучителен актер, режисер и продуцент неговото присуство ќе придонесе за уште поголемо афирмирање на Охридско лето и нашата држава“, изјави Бисера Костадиновска Стојчевска-министерка за култура.
„Со проектот „Вечер на Џон Малкович“, оценет како најексклузивен гостин на „Охридско лето“ се предизвика огромен интерес кај публиката. Токму за овој настан се направени бројни резервации од целиот регион, но и од Бразил, Холандија, Франција, САД и многу други земји“, рече Наташа Поповиќ-директор на Фестивалот „Охридско лето“.
Дека интересот за настапот на славниот актер кој има снимено повеќе од 70 филмови е голем говори и податокот дека утревечер во Античкиот театар претставата ќе ја проследат околу две и пол илјади гледачи.
Сашо Нелоски