Многу интернет, малку книги!

16.07.2014 17:08

Да се направи анализа за да се заштитат македонските зборови кои се на удар на англицизмите...

Младите се помалку читаат, се повеќе гледаат странски филмови, а најинтересно им е да комуницираат преку социјалните мрежи или мобилните телефони. Поради тоа очекувано е повеќе да знаат странски отколку мајчин јазик. Ова е ставот на деканката на Филолошкиот факултет, Славица Велева по поразителните резултати од државната матура која вели дека биле очекувани.

„Ако прошетате низ градот ќе видите млади луѓе седнати на кафе и меѓусебе комуницираат преку мобилни телефони, тие не зборуваат едни со други. Тука е јасно дека ќе настанеше еден ваков проблем со комуникацијата, но тоа е само делче во тој мозаик од проблемите што би ни се појавиле ако не реагираме навреме “, вели Славица Велева, декан на Филолошкиот факултет.

Според неа, и студентите малку го познаваат мајчиниот јазик, а странскиот го учат затоа што им е неопходен при вработување или за работа надвор од земјата. За да се заштити јазикот, потребно е надлежните да направат сериозна анализа.

„Потребна е една анализа во однос на предавањето и изучувањето на предметот, анализа за програмите и во однос на учебниците, затоа што можеби учебниците по странскиот јазик им се поинтересни отколку оние на македонски“, рече Велева.

Средношколците на државната матура добија просечна оцена од 2, 99.

Викторија Тодоровска