НДМ: Одлуката за распуштање на Собранието е неуставна
Народното движење за Македонија до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценка на одлуката за распуштање на Собранието. Остана отворено и прашањето со бројот на гласачите во шестата изборна единица. Во меѓувреме во партиите се кројат изборните листи...

Народното движење за Македонија со иницијативата до Уставниот суд ја оспорува одлуката за распуштање на Собранието од 17-ти месецов. Во Уставот експлицитно е утврдено дека рокот за избор на пратеници е 60 дена од денот на распуштањето на парламентот, вели Бачев. Противзаконски е вели и отстапувањето на бројот на гласачите во шестата изборна единица.
Со решението за избори на 11-ти декември што го потпиша спикерот Вељаноски, течат изборните дејствија, но остана нерешено прашањето со бројот на гласачите во 6-тата изборна единица, во која се запишани 310 илјади 721 гласач, што е за 5,28 проценти повеќе од просекот, односно има за 0,28 насто повеќе гласачи од дозволеното. За дел од уставните експерти и другите познавачи на проблематиката,на овој начин изборите ќе се организираат без да бидат целосно усогласени со изборниот законик. Според премиерот за спроведување на изборите Димитриев, шестата изборна едница нема да го доведе во прашање легитимитетот на изборите. Тврдењето го темели на фактот што партиите покажале подготвеност за изборно соочување.
Државната изборна комисија се изјасни како ненадлежна за бројот на гласачите во изборните единици, бидејќи како што велат оттаму, комисијата само ги применува, а не ги носи законите. Ставот од највисокото изборно тело е дека без разлика на состојбата во изборните единици, бројот на гласачите и надминувањето на рамката од плус-минус 5 проценти, Комисијата треба да ги организира изборите со изборен законик што е во сила. Во меѓувреме почнаа калкулациите за носителите на изборните листи. Во тек се внатрепартиските консултации. Политичките партии и независните кандидати што ќе учествуваат на предвремените парламентарни избори, имаат 20 дена до ДИК да ги достават кандидатските листи, односно најдоцна до 11-ти ноември на полноќ.
Милчо Велески
