Нов Зеланд: Предупредување за цунами по вториот земјотрес
Не мирува тлото на островот во близината на Нов Зеланд. Цивилната заштита издаде предупредување за цунами по силниот земјотрес во кој загинаа две лица. Спасувачките екипи со хеликоптери извлекуваат луѓе од најпогодените области.

Нов земјотрес од 6,3 Рихтери го погоди јужниот остров на Нов Зеланд само неколку часа по првиот потрес во кој загинаа две лица. Цивилната заштита издаде предупредување за цунами откако двометарски бранови го прекрија источното крајбрежје по земјотресот од 7,5 степени според Рихтер. Среќа во несреќа. Спасувачките екипи успеале да ги извлечат 100-годишната жена и нејзината снаа од урнатините. Дел од населението крај речните подрачја во Крајстчрч, или во превод Исусовата Црква, најголемиот град на југот на Нов Зеланд, е евакуирано. Прекин има во снабдувањето со електрична енергија и водоснабдувањето. Војската и протипожарната бригада распоредија тимови кои со хеликоптери стигнуваат до најпогодените точки.
„Мора да им обезбедиме вода, храна на луѓето, но и да се подготвиме да згрижиме речиси 600 лица во центрите зашто дел од патиштата се блокирани. Само со хеликоптери можеме да превезуваме луѓе. Многу туристи се заглавени на Нов Зеланд сега“, изјави Џон Ки, премиер на Нов Зеланд.
Жителите на Крајстчрч се снабдуваат со основните производи за преживување. За нив, ова е потсетник на катастрофалниот земјотрес од 2011 година кога загинаа 185 лица.
„Земјотресот траеше околу три минути, предолго беше. Мислам дека имаше два потреса. Имав време да пратам порака на интернет. И пред малку имаше еден. Знаеме дека потресите ќе продолжат уште некое време.“
„Не можев да се движам во собата. Стоев до вратата и слуша што прават другите. Се вратив в кревет, но не ми беше многу паметно тоа. Веднаш потоа слегов долу“, велат жителите.
Потресот бил почувствуван и во Велингтон, главниот град на Нов Зеланд каде што неколку часа не работеше бизнис-центарот.Земјата е дел од таканаречениот пацифички „Огнен прстен“ каде што често се случуваат земјотреси и вулкански ерупции.
