Македонија да се насочи кон новите трендови во туризмот

21.02.2017 17:24

Македонија да се насочи кон новите трендови во туризмот и да понуди туристички производ што ќе биде дизајниран од самите гости, порачува еминентниот професор Луис Мутињо. Во интервју за МТВ вели дека се исплатеше кампањата за Македонија на светските медиуми, но потребно е основното ниво на инфраструктура за да се одговори на барањата на туристите.

Каде е Македонија на светската туристичка мапа, станува ли препознатлива туристичка дестинација?

- Јас мислам дека неверојатниот ефект од вашата кампања прикажан на меѓународните медиуми се исплатеше. Загрижен сум само за креираните очекувања.  Луѓето помалку или повеќе ја имаат претставата за вашата земја, но што станува со инфраструктурата, сместувачките капацитети, квалитетот на услугите. Мора да го имате основното ниво на инфраструктура за да можете да одговорите на потенцијалните барања кои може да се генерираат од оваа интересна промоција. Кампањата ги покажува планините, вашата земја, кулинарството, реките и тоа создава многу позитивни очекувања. Не сакам луѓето да дојдат тука и да бидат разочарани од ограничувањата во инфраструктурата. Мислам дека треба да се насочите кон кратките одмори. Сѐ повеќе туристи  ќе доаѓаат во вашата земја,  и тоа најмногу од северна Европа. Тие сакаат сами да си го креираат одморот и доколку Македонија се сврти кон овој тренд и понуди туристички производ што ќе биде дизајниран од самите туристи, наспроти фиксната понуда- ние сме тука, дојдете кај нас, вие ќе бидете успешни.

Кои се предизвиците со кои се соочува македонскиот туризам? Како македонските убавини да станат поконкурентни на пазарот?

- Секоја земја има своја културна убавина што ја прави посебна од другите. Тоа не може да и го одземе никој. Културната убавина на Македонија не треба да се спореди со онаа на Виетнам и материјалните добра кои ја прават уникатна. За добар одмор, туристите најчесто бараат сонце, добро време и слично, и јас можам да ви набројам 70-тина земји што го нудат истото. Но, доколку вие додадете нешто свое на понудата, на пример како ќе ги пречекате луѓето или изненадите,  тоа сигурно би била подобра стратегија за Македонија.

Што носат новите трендови во туризмот, колку иновативноста е клуч за успех?

- Влијанието на технологиите е огромно, од виртуелната до менталната реалност. Туристите се повеќе ја користат за анализа на повеќе конкурентски производи. Тие би сакале да дизајнираат сопствен производ. Користат услуги во сообраќајот што овозможува функционирање во поголем радиус. Луѓето одат на 5-6 дневнен одмор иако оддалеченоста е на пример од Шкотска до Скопје. Тоа не претставува проблем за нив. Работите се менуваат. Се повеќе млади луѓе стануваат посвесни, а повозрасните посмели. Ова се само дел од новите трендови во туризмот, а ги има многу.

Викторија Милевска