Кина понуди помош за ставање крај на конфликтот во Газа
Жестоки борби на улиците во Газа. По индонезиската болница, погодена зграда во Рафах. Обединетите нации бараат итен прекин на огнот, Кина понуди помош за крај на конфликтот...

На улиците во Појасот Газа се водат сè пожестоки битки. Стигнуваат извештаи и за воздушни напади. По индонезиската болница, погодена зграда и во Рафах. ООН повторно со апел.
„Ова мора да престане. Човештвото мора да биде на прво место. Очајно е потребен прекин на огнот – веднаш“, изјави Волкер Турк – висок комесар на он за човекови права.
Тел Авив тврди дека и во индонезиската болница, како и во „Ал Шифа“ постојат центри од кои се извршуваат терористички операции. Доказот дека Хамас држел заложници во „Ал Шифа“ објавен во нова снимка на израелската одбрана.
„Вооружени лица внесуваат уште еден заложник додека терористите ја чуваат просторијата. Сè уште не сме ги лоцирале и не сме ги спасиле. Нема да мируваме додека не го сториме тоа. Вистината е јасна-Хамас води војна од болниците“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелската одбрана.
Хамас ги отфрли обвинувањата.
„Нема такво нешто. Не затоа што успешно криеме, туку затоа што ова е вистината за која окупацијата лаже, исто како што лажеше и за фестивалот“, рече Осама Хамдан - претставник на Хамас во Либан.
Премиерот Нетанјаху со критики до палестинските власти за негирање на фактите за масакрот на 7-ми октомври.
„Палестинската управа рече нешто бесмислено-негираше дека Хамас го извршил ужасниот масакр на фестивалот. Всушност го обвини Израел за тоа. Ова е тотално превртување на вистината“, изјави Бенјамин Нетанјаху - премиер на Израел.
Кина подготвена да соработува со арапските и исламските земји за ставање крај на конфликтот во Газа.
„Ова не е првата војна што Израел ја објави против палестинскиот народ, но сака да ја направи да биде последна“, изјави Ријад ал-Малики - министер за надворешни работи на Палестина.
„Подготвени сме да работиме заедно со арапско-исламските земји за да ставиме крај на војната во Газа што е можно поскоро, да ја олесниме хуманитарната криза и да промовираме сеопфатно, правично и трајно решение за палестинското прашање“, рече Ванг Ји - министер за надворешни работи на Кина.
Во Брисел шефовите на дипломатиите на ЕУ на неформален состанок за ситуацијата на Израел и Газа, по завршената посета на Борел на Блискиот Исток.
Бојана Крстевски