Вредни артефакти од струшкиот регион, изложени во црквата во Враништа
Во црквата Свети Никола во струшко Враништа денеска беше отворена нова музејска поставка со вредни артефакти. На ова место пред многу векови се наоѓало неолитско наколно живеалиште...

Музејската поставка на вредни артефакти од праисторијата до средниот век, што е поставена во црквата Свети Никола во струшко Враништа го прикажува огромното историско и сакрално богатство на Македонија низ вековите.
Црквата е стара повеќе од 200 години. Лежи на едно од праисториските живеалишта во Струшкиот регион и денес богати со вредни артефакти.
„Се гледа дека македонството не е од вчера. Овој народ не се мери случајно, има традиција која од колено на колено се пренесува... Значи многу тоа за нас за месното население и околинава затоа што тие сите артефакти се од историско значење“, велат жителите на Враништа.
Министерството за култура заедно со музејот во Струга со оваа поставка ја заокружија комплетната целина на сите собрани артефакти и икони во Струга и во Враништа.
„Преовладува археолошкиот материјал од неолитот, од младото камено доба затоа што се работи за една неолитска наколна населба, една можеби од ретките речни населби и тој материјал овде доминира, но тука се наоѓаат и материјали од камена пластика од 5-тиот век што укажува на постоење на една базилика во овој регион“, објаснува Сашо Цветкоски директор на Музејот во Струга.
Новиот музеј во црквата во Враништа поседува артефакти и икони со долга историја и и голема вредност.
„Тоа зборува дека народот на ова поднебје знаел да сочува вредности кои денес ги презентираме не само пред македонската културна јавност туку и пошироко за сите оние што се љубители на култура и уметност“, рече митрополитот Дебарко-Кичевски г-дин Тимотеј.
Со оглед на зачестените кражби на вредни сакрални предмети во струшко, музејот и црквата во Враништа поставија физичко и техничко обезбедување.
Јованчо Наумоски
