Култниот „Глоуб“ со „Хамлет“ во МНТ

05.06.2014 16:12

Билетите за денешните претстави се распродадени...

Шекспировата реплика „да се биде или не“  ќе одекне  во Македонскиот народен театар.  12 актери од реномираниот лондонски „Глоуб“ вечер ќе го оживеат Хамлет. Наим Хајат ќе го глуми главниот лик во шекспировото дело . Aктерската екипа прв пат настапува пред македонската публика.

„Предизвик и задоволство е да се игра заради јазикот на Шекспир“, вели Хајат.

„Имаме две претстави попладнево, ви благодарам што не поканивте, многу сме возбудени што сме тука. Треба да сте среќни и привилегирани што имате толку убав театар, бидејќи не секаде во светот, не сите имаат...“, изјави Малу Ансалдо, продуцент на „Глоуб“.

Билетите за денешните претстави се распродадени. Министерката Канческа- Милевска на средба со  актерите изрази задоволство  што првиот Македонски меѓународен театарски фестивал на едно место ги собра најреномирани светски актерски и режисерски имиња.

„Бројката на посетеност вклучувајќи ја и продажбата на картите за претставите на Глоуб театарот од Лондон изнесува над 4.500 посетители“, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.

„Големиот број на посетители на овие две претстави, преполните сали, ја покажуваат нивната големина и вистинскиот потег да бидат наши гости“, нагласи уметничкиот директор на МНТ, Дејан Пројковски.

Глоуб ќе го обиколи светот со шекспировиот Хамлет. Британскиот  театар ќе одигра претстави во 205 земји, а од Македонија ќе отпатуваат за Америка. Нивната турнеа ќе трае 2 години, а вечер МНТ ќе ги награди за нивниот придонес во театарската уметност .

Глоуб ќе го играат „Хамлет“ во чест на годишнината од раѓањето на Вилијам Шекспир.

 

Викторија Тодоровска