Финансии

Собранието го усвои буџетот за 2024-та

27.12.2023 18:35

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, политиките што се дел од буџетот за 2024-та година се во функција на одговор на продолжената неизвесност, забавување на глобалната економија и ризиците врз нашата економија.

Собранието денеска го усвои дополнетиот предлог- буџет за 2024-та година. „За“ гласаа 63 пратеници, додека 25 беа „воздржани“.

Вкупните приходи во Буџетот за 2024-та година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и истите се за 10% повисоки во однос на 2023-та година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8% повисоки во однос на 2023-та година. 

Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит од 33,5 милијарди денари или 3,4% од планираниот БДП кој е намален во однос на 2023-та година за 9,2 милијарди денари.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими, политиките што се дел од буџетот за 2024-та година се во функција на одговор на продолжената неизвесност, забавување на глобалната економија и ризиците врз нашата економија.

Во Буџетот е клучно што се менува структурата и што од минатата година на повисоко ниво се планирани капиталните расходи, кои се и на повисоко ниво од буџетскиот дефицит. Капиталните расходи се планирани на ниво од 41,2 милијарди денари, и се наменети за реализацијата на веќе започнатите инфраструктурни проекти, односно инвестиции во патната и железничката, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, животната средина и правосудството.

Со оглед на продолжување на неизвесноста, во буџетот се предвидени и 60 милиони евра за мерки за поддршка на најранливите категории граѓани и стопанството.

Буџетот за идната година обезбедува редовно и непречено извршување на сите законски обврски, непречено спроведување на изборните активности, поддршка на домашната економија, приватниот сектор и граѓаните, зголемена и забрзана реализација на инфраструктурните проекти, привлекување на странски инвестиции и иновативност на домашните компании и друго.

Растот на економијата за 2024-та година е проектиран на ниво од 3,4% и инфлација на ниво до 3,6%.