Израелско-Палестински конфликт

Илјадници демонстранти излегоа на улиците на Тел Авив

19.01.2024 16:31

Нетанјаху го отфрли предлогот на Бајден – нема формирање палестинска држава, офанзивата продолжува. Израел со воздушни напади во Газа. Во Тел Авив протести за прекин на огнот...

Полицијата забрани, но сепак илјадници демонстранти излегоа на улиците на Тел Авив барајќи прекин на оружените пресметки во Појасот Газа. 30-ина невладини организации, меѓу нив и „мајките против насилството“, се појавија на протестот.

„Би сакал да видам некаква цел, план. Само да не биде едноставно убивање и убивање. Би сакал да знам што не очекува во иднина, мене и децата. Засега тоа не го гледам“.

Нема да се востанови палестинска држава по целосната победа на Израел над Хамас. Ова е ставот на израелскиот премиер Нетанјаху целосно спротивен на тврдењето на Вашингтон по офанзивата на Тел Авив во Појасот.

„30 години повторувам, ова не е конфликт поради недостиг на држава, туку за опстанок на државата Израел. Од секоја територија од која се повлекуваме имаме само терор. Израел мора да си ја контролира територијата западно од реката Јордан“, изјави Бенјамин Нетанјаху.

„Ништо не е променето во однос на ставот на претседателот за решението за две држави што е во корист и на Израелците и на Палестинците. Тоа е во најдобар интерес на регионот“, изјави Џон Кирби портпарол на Националниот совет за безбедност на САД.

Изутринава Израел продолжи со бомбардирањето на југот на Газа, воздушни напади се извршени врз градот Кан Јунис, каде што според тел Авив се засолниле лидерите на Хамас. Израелската армија продолжи и со гранатирањето цели на Хезболах во јужен Либан, како и на воената инфраструктура во Сирија.

 

Зоран Богатинов