Филм

„Домаќинство за почетници“ ја освои главната награда „Аурора“ на Меѓународниот филмски фестивал во Норвешка

23.01.2024 11:24

Филмот „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски ја освои главната награда „Аурора“ на Меѓународниот филмски фестивал во норвешкиот град Тромсо

Филмот „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски ја освои главната награда „Аурора“ на Меѓународниот филмски фестивал во норвешкиот град Тромсо. „Домаќинство за почетници“ е третиот долгометражен филм на македонско-австралискиот автор Горан Столевски. Својата светска премиера ја имаше на 6 -ти септември на 80. издание на Филмскиот фестивал во Венеција, каде ја доби наградата Квир лион.

„Домаќинство за почетници“ беше избран за годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“, но не влезе во трка за ова престижно признание. Македонската публика имаше можност да го види во скопските кина во октомври минатата година. Во Македонија првпат беше прикажан на отворањето на 44. издание на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамариа Маринка и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија.

Во споредни улоги се македонските актерки Сара Климоска и Ајше Усеини и Розафа Челај од Косово.

На 26 -ти јануари филмот ќе има кинопремиера во САД.