Сцена

Funk Shui со нов видео спот за песната „Никогаш Пак“

25.01.2024 13:01

Синглот „Никогаш Пак“, како и истоимениот албум е достапен на сите дигитални платформи за слободно преслушување...

Funk Shui ја започнуваат 2024-та со нов видео спот за песната „Никогаш Пак“. Видео записот е на Владислав Гавриловски. Музиката и текстот се на Funk Shui, а аудио продукцијата повторно на Бен Милчев.

„Спотот е снимен низ локациите кои ги искористивме за осознавање и оформување на сами себе во младоста, кои ги чувствуваме како дома, можеби повеќе од сопствените тогашни домови. Обидот е да се долови бруталистичката архитектура, потписот на нашето родно место и симболот на солидарноста и давањето, начинот на кој ние го разбирам и сфаќаме Скопје и нешто што можеби се третира и во текстуалноста на оваа песничка. Оддаваме почит кон Скопје заедно со Владислав Гавриловски, визуелниот резидент и камерманско/режисерскиот ум на оваа бетонска градина од спот. Песната е балада за превртливата врска помеѓу писателот и Скопје и неколку скопјани. Сите други писателот ги сака и ќе биде тука за нив, како 78те земји кои беа тука за Скопје по земјотресот во 1963-та“, велат од Funk Shui.

Синглот „Никогаш Пак“, како и истоимениот албум е достапен на сите дигитални платформи за слободно преслушување и се наоѓа на повеќе од 150 дигитални музички продавници.