Политика

Изгласана третата техничка влада, Талат Џафери избран за премиер

28.01.2024 15:11

Македонија ја доби третата техничка влада на чело со Џафери. ВМРО-ДПМНЕ ја напушти собраниската сала и не застана да го овековечи моментот. ДУИ слави за премиер Албанец – интегративците со беџови на седницата „Речено-сторено“…

По речиси двочасовна дискусија, со 65 гласа „за“ и три „против“, Собранието денеска ја изгласа третата техничка влада, согласно Пржинскиот договор. Премиер во преодната влада ќе биде Талат Џафери од ДУИ, која со беџови „Речено-сторено“ слави за премиер Албанец.

ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за техничката влада но, двајцата министри назначени на нивен предлог, дадоа свечена заклетва.

Мандатарот Талат Џафери порача дека ќе работи професионално како и досега. Во експозето пред пратениците нагласи дека прв приоритет на преодната влада ќе биде одржувањето на редовните претседателски избори на 24-ти април и парламентарни избори на 8-ми мај, на фер и демократски начин.

Образложувајќи ги програмата и составот на Владата, Џафери вети дека преодната влада ќе биде одговорна, транспарентна и нема да дозволи да се наруши изборниот процес. Зборувајќи малку на албански, малку на македонски јазик, тој рече дека нема да се менува зацртаната политика на внатрешен и на надворешен план.

Тој најави дека ќе се залага за спроведување на економските, здравствени, образовни и социјални потреби на граѓаните и за економски раст. Кажа дека ќе има отворен дијалог со политичките партии, институциите и граѓаните, како и транспарентност во работата.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски повтори дека неговата партија нема да гласа за оваа влада затоа што смета дека премиерското место не треба да го заземе партија со помал број пратеници и партија која се поврзува со висок криминал и корупција. Обвини дека СДСМ е претворена во „приврзок на ДУИ“ и дека СДСМ, ЛДП и НСДП, заради коруптивни побуди, денес македонскиот народ го направија кираџија во сопствената држава.

Пратеникот Дарко Каевски од СДСМ, пак, рече дека со поддршката за Владата, СДСМ го става интересот на државата на прво место. Нагласи дека заедно со мнозинството пратеници и граѓаните нема да дозволат деструктивните сценарија на ДПМНЕ да успеат.

На собраниската говорница зборуваше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој кажа дека државата бележи напредок и воспоставила рамноправност. Како одговор на критиките на Милошоски нагласи: „Ниту вие сте кираџии, ниту колегите во средина на собраниската сала се кираџии. Охридскиот договор направи сите да бидеме господари во сопствената куќа“.