Расонување со музиката: Диџеј Деловски ја преработи култната „Ој девојче“
На 25.01, симболично, во етерот заѕвони во нов дух темата „Ој девојче“ во изведба на Синтезис и Тоше Проески, а во ремикс на младиот диџеј Деловски...

На 25.01, симболично, во етерот заѕвони во нов дух темата „Ој девојче“ во изведба на Синтезис и Тоше Проески, а во ремикс на младиот диџеј Деловски. Синглот беше и официјално промовиран на 28.01 во скопскиот локал Интермецо каде што бројната публика уживаше во новото руво на култната тема. Поддржани од многу колеги и пријатели, музичарите вклучени во проектот ги споделија своите доживувања во врска со соработката, при што Деловски истакна:
„Пред околу една година имав тешка несреќа во која за малку ќе го изгубев животот. Тој случај едноставно ме расони и ми даде мотив да се фокусирам и работам на себе, да се фокусирам на својата кариера и бизнис на приватен план, како и да го збогатам своето музичко портфолио“, рече Деловски.
„Да се дели музички запис со Синтезис, како најдобра етно група на Балканот и пошироко, како и со нашиот најголем непребол Тоше Проески е непроценливо чувство и искрено не знам како да го опишам со зборови“ – дополни Деловски.
Музичките професори, како што ги нарече Деловски, потенцираа дека им причинува огромно задоволство што еден млад човек покажал интерес за изворната музика и умешно ја спојува со модерното време.
„Наша цел со ова музичко издание е да се вратат националните и етничките вредности, како и да ја негуваме етно музиката на начин на кој што и доликува. Деловски успеа да го преработи ова издание, да му даде еден нов, модерен сјај и шмек, кој со сигурност ќе стане хит“ – изјавија од етно составот.
Соработките од ваков тип се одличен пример за тоа како можеме да го негуваме изворното и да обединиме различни публики, што особено би имало импакт на намалување на културолошкиот генерациски гап.