Негувателка малтретирала дете во градинка
Негувателка во градинка под истрага дека малтретирала дете. Обвинителството ќе поведе кривична постапка против неа. Постојат сомненија дека извршила психичко и физичко насилство врз тригодишно дете кое поради силен страв и стрес го изгубило говорот...

Негувателка вработена во градинката „11 Октомври“ во скопската населба Радишани е осомничена дека вршела физичко и психичко насилство врз 3-годишно дете. 32-годишната негувателка толку го малтретирала детето што тоа од силен стрес го изгубило говорот. Случајот бил пријавен од родителите, откако претходно за него бил информиран градоначалникот на Бутел Дарко Костовски. Дел од родителите кои денеска дојдоа да си ги земат своите деца биле запознаени со случајот, но не сакаат да зборуваат пред камера.
Имаше и родители кои не знаеле за што станува збор. Но во секој случај, го осудуваат чинот.
Јавното обвинителство отвори истрага за сторено кривично дело запуштање и малтретирање дете.
„Осомничената која е вработена во градинката му се обраќала со погрдни зборови, го влечела и тегнела за коса, поради што жртвата претрпела силен страв и стрес, што резултирало со губење говор и страв од одење во градинка“, информираат од Јавното обвинителство.
Од Обвинителството велат дека е доставен и предлог за мерки на претпазливост за осомничената, како забрана за напуштање на домот, одземање патна исправа, забрана за посетување на градинката, како и приближување до оштетеното дете.
Осомничената вработена во детска градинка во Радишани во повеќе наврати извршила психичко и физичко насилство врз детето кое ја посетувало јаслената група.
Побарано е и на осомничената да ѝ биде изречена забрана да се појави на работното место, но и во сите други објекти што се дел од истата детска градинка.
Борис Грујоски
