„Опенхајмер“ доминираше на „БАФТА“

19.02.2024 09:57

Одличјето за најдобар филм го презеде брачната двојка Ема Томас и Кристофер Нолан (режисер), кои заедно со Чарлс Ровен беа продуценти, а ирскиот глумец Килијан Марфи го понесе признанието за најдобар глумец за улогата на Џеј Роберт Опенхајмер – американски теоретски физичар кој се смета за „таткото“ на атомските бомби.

Тричасовниот еп за правењето на најубиственото оружје во историјата на човештвото – атомската бомба, филмот „Опенхајмер“ доминираше на филмските награди „БАФТА“ во Лондон, победувајќи во седум категории, меѓу кои за најдобар филм, машка главна улога и режисер.

Одличјето за најдобар филм го презеде брачната двојка Ема Томас и Кристофер Нолан (режисер), кои заедно со Чарлс Ровен беа продуценти, а ирскиот глумец Килијан Марфи го понесе признанието за најдобар глумец за улогата на Џеј Роберт Опенхајмер – американски теоретски физичар кој се смета за „таткото“ на атомските бомби.

Филмот „Poor Things“ (Бедни суштества) на Јоргос Лантимос освои пет статуетки, вклучувајќи ја и онаа за најдобра женска улога, којашто ѝ припадна на Ема Стоун.

„Барби“ остана без ниту една награда, и покрај тоа што имаше номинации во пет категории.

Признанието „Ѕвезда во подем“, единствената награда „БАФТА“ за којашто одлучува јавноста со свој глас, ѝ припадна на англиската глумица Мија Меккен-Брус.

Наградата за најдобар документарен филм, ја доби „20 дена во Мариупол“ на Мстислав Чернов.