Во Велес изградена првата автентична гемија

15.06.2014 15:03

Еден тон тешката гемија ќе биде дел од годинешната Вардарска регата Гемиџии...

Неимарот Стево влегува во македонската градителска историја. По неколку  векови пауза ја направи првата автентична гемија. Вели работел по  фотографии од  гемиите со кој пловеле велешките трговци. Ако мајсторите можеле тогаш зошто не и тој денес, ова била мислата водилка додека го обработувал  чамовото дрво  за да ја направи гемијата.

„Горд сум на тоа  што го  направив за градот и за Гемиџиите да се сеќаваат“, рече Стево Коневски,  градител на гемијата.

Еден тон тешката гемија ќе биде дел од годинешната Вардарска регата Гемиџии. Првиот сплавар вели, здружението има обучени луѓе за да ја управуваат со неа.

„Ќе ја управувам јас, има и други луѓе кои знаат да управуваат , остручени сме, долги години сме по Вардар  во гемии и чамци така да мислам дека ќе нема проблеми“, рече Себо Шаќиров, претседател на Здружение Вардарска регата Гемиџии.

Подготовките за регатата која има за цел да го спои минатото со сегашноста  привршуваат.

„Покрај гемијата и сплавот има и десетина чамци, вкупниот број со логистика не треба да помине стотина луѓе“, рече Зоран Игнов, организатор.

„За годинава имаме најави да дојдат гости од Бугарија и нашите колеги од Тиквешката регата“, вели Игор Здравковски, организатор.

Шестнаесетата регата и годинава ќе започне од центарот на Велес. 130 километри низводно  до Гевгелија ќе се поминат во три етапи.

На 25-ти овој месец велешани за прв пат ќе имаат можност да ја видат гемијата кога заедно со сплавот и стотината учесници на годинешната регата ќе продефилираат по градските улици.

 

Дијана Иванова