Терористички напад во близина на Ерусалим
Гладувањето во Газа се користи како воено оружје, тврди европскиот шеф за надворешна политика. Борел, недостатокот на помош што влегува на територијата ја опиша како „вештачка“ катастрофа. Вели дека поморскиот коридор не може да ја замени испораката по копно. Во меѓувреме, израелскиот премиер Нетанјаху потврди дека ќе продолжи со офанзивата во јужниот дел на Газа...

Терористички напад во близина на Ерусалим. Палестинец избол и ранил две лица на контролен пункт во близина на градот пред да биде застрелан-соопшти израелската полиција.
„Околу 8 часот бевме повикани поради терористички напад. Дојдовме многу брзо и видов две лица седнати на земја, свесни и избодени во горниот дел од телото. Им укажавме помош и ги пренесовме во болница“, рече Ели Гартнер, медицински персонал.
Израел потврди дека ќе продолжи со офанзивата во јужниот дел на Газа. Нетанјаху изјави дека презеле мерки за минимизирање на цивилните жртви како никој досега во историјата. Ја обвини меѓународната заедница за двојни аршини.
„Не можете да кажете дека го поддржувате правото на Израел да постои и да се брани, а потоа да се спротивставите кога ќе го искористи тоа право. Да кажете – дека се спротивставувате на Хамас да користи цивили како жив штит, а потоа да го обвинувате Израел за цивилните жртви. Ниту еден од овие притисоци нема да не спречи. Немаме друга опција освен победа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Катар призна дека преговорите остануваат во ќорсокак, но се надеваат оти ќе успеат да изнајдат решение во месецот на помирување и обединување.
„Не сме блиску до договор. Не гледаме дека ставовите на двете страни се приближуваат, но тоа не нè одврати да продолжиме. Се надеваме ќе успееме да постигнеме примирје во рамките на Рамазан“, изјави Мајед Ал-Ансари, портпарол на министерство за надворешни работи на Катар.
Додека борбите продолжуваат, гладувањето во Газа се користи како воено оружје-обвини европскиот шеф на дипломатијата. Недостигот на помош е вештачка катастрофа и поморскиот коридор не може да ја замени испораката по копно, вели Борел.
„Хуманитарна криза не е од природна катастрофа, туку е создадена од човекот. И кога бараме алтернативи за давање поддршка по морски или воздушен пат, мораме да потсетиме дека тоа е затоа што копното вештачки се затвора, а гладот се користи како воено оружје“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Првата пратка поморска помош од Кипар е на пат кон енклавата. Израелската армија соопшти дека ја координирала испораката на шест камиони користејќи нова рута како дел од пилот програма до северот на Газа пренесувајќи хуманитарна помош за првпат од 20-ти февруари.
Бојана Крстевски
