Путин: Подготвени сме за нуклеарна војна
Апокалиптични пораки поради војната во Украина, но и влезот на Шведска и на Финска во НАТО одново пристигнуваат од рускиот претседател Путин. Нашиот нуклеарен арсенал е подготвен и поголем од американскиот, изјави шефот на Кремљ. Киев доби нови 300 милиони долари помош од Вашингтон, најмногу во артилериска муниција и ракетни фрлачи „Стингер“. На фронтот, но и во Русија во станбените области паѓаат експлозивните беспилотни летала…

Подготвени сме за нуклеарна војна, најостро и најапокалиптично предупредување на рускиот претседател досега. Во контекст на изборите за шеф на Кремљ во март или пак поради американските на Белата куќа во ноември, Путин потсети дека рускиот нуклеарен арсенал е поголем од американскиот. Тврди, и помодерен.
„Сега Американците ги модернизираат и ги обновуваат нуклеарните боеви глави, за што прават планови. Го знаеме тоа. Ги развиваат и компонентите, како и ние. Но, тоа не значи дека се подготвени да ја почнат нуклеарната војна уште утре. Ако го сакаат тоа, што да се прави? Ние сме подготвени“, нагласи Путин.
САД успеаја некако да дотурат помош до Украина вредна 300 милиони долари. Најмногу во артилериска муниција и во рачните фрлачи „Стингер“. Зеленски веќе долго ја очекува американската помош од 60 милијарди долари запрена поради несогласувањето на Републиканците.
„Би сакал да им заблагодарам на САД и на Американците кои ја почитуваат слободата за помошта на Украина. Се надевам дека земјава набрзо да добие нов воен пакет помош. Правиме напори да ја зачуваме Украина“, рече Зеленски.
Дотогаш, украинските дронови се последната надеж на Украинците. 30-ина се спречени од руската противвоздушна одбрана да погодат цели во белгородската и санктпетербуршката област. Некогаш безуспешно. Руските проектили паѓаат во суми и во Дњепроптеровск. И во двата случаја се погодени станбени области. Но, и рафинеријата во руски Рјазан.
„44-ца се пренесени во болница, 21 лице е згрижено. За несреќа има четири жртви“, рече Олександр Вилкул, шеф на воената администрација во Кривји риг, Дњепропетровск.
Загриженост за моменталната состојба во Украина и меѓу предводниците на американската разузнавачка заедница пред Конгресот. Русија освојува сè повеќе територија, вели шефот на ЦИА Барнс.
„По Авдијивка, гледаме дека Украина ќе загуби нови територии и покрај храброста. Последиците се големи и за американските интереси, не само поради Европа или Украина. Победата на Путин ќе го засили кинеското водство во Индопацификот“, изјави Вилијам Барнс – директор на ЦИА.
Путин најави нови руски воени контингенти на границата со Финска. Полските власти поради опасноста од прелевање на виорот на војната решија да вложат 30 милиони долари во засолништата во земјата.
Зоран Богатинов
