Русија со апокалиптични пораки поради војната во Украина
Апокалиптични пораки поради војната во Украина, но и влезот на Шведска и на Финска во НАТО повторно пристигнуваат од рускиот претседател Путин. Нашиот нуклеарен арсенал е подготвен и поголем од американскиот, изјави шефот на Кремљ. Киев доби нови 300 милиони долари помош од Вашингтон, најмногу во артилериска муниција и ракетни фрлачи „стингер“. На фронтот, но и во Русија во станбените области паѓаат експлозивните беспилотни летала...

Подготвени сме за нуклеарна војна, најостро и најапокалиптично предупредување на рускиот претседател досега. Во контекст на изборите за шеф на Кремљ во март или поради американските за Белата куќа во ноември, Путин потсети дека рускиот нуклеарен арсенал е поголем од американскиот. Тврди, и помодерен.
„Сега Американците ги модернизираат и ги обновуваат нуклеарните боеви глави, за што прават планови. Го знаеме тоа. Ги развиваат и компонентите, како и ние. Но тоа не значи дека се подготвени да ја почнат нуклеарната војна уште утре. Ако го сакаат тоа, што да се прави? Ние сме подготвени“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
САД успеаја некако да дотурат помош до Украина вредна 300 милиони долари. Најмногу во артилериска муниција и во рачните фрлачи „стингер“. Пред Европскиот парламент премиерот на Финска укажа на можната европска иднина.
„Разбудете се! Русија очигледно се подготвува за долг конфликт со Западот и е постојана закана за Европа. Доколку како обединета Европа не успееме да одговориме ефикасно на предизвикот, наредните години ќе бидат исполнети со опасност и со неизвесност поради заканите од напад“, изјави Петери Орпо, премиер на Финска.
Германскиот канцелар нема ист став како и финскиот премиер. Берлин ќе ја помага украинската одбрана, ракетите „таурус“ остануваат дома, вели Шолц.
„Нема да се испраќаат оружени системи со долг дострел, бидејќи со нив треба да распоредиме и германски војници. Тоа е линија која нема да ја преминам додека сум канцелар. Важно е нашите војници да не се вклучат во воената поддршка“, изјави Олаф Шолц-канцелар на Германија.
За Украинците, дроновите се последната надеж на фронтот, со напади и врз руска територија. 30-ина се спречени од руската противвоздушна одбрана да погодат цели во белгорородската и санктпетербуршката област. Гори рафинеријата во руски Рјазан.
Зоран Богатинов
