СЦ „Јане Сандански“

Концерт на Горан Бреговиќ во Скопје

14.03.2024 10:31

Скопскиот концерт е закажан во годината кога се одбележуваат јубилејни 50 години од основањето на легендарните „Бијело Дугме“ и на само еден ден по прославата на 74. роденден на Горан Бреговиќ, најголемата рок легенда на балканските простори...

„Здраво на сите во Македонија, јас сум Горан Бреговиќ. На 23-ти март во СЦ „Јане Сандански“ ќе свирам добар концерт со мојот Оркестар за свадби и погреби. Ќе биде забавно, ќе свирам сешто – и ново и старо, ќе биде лудо – Кој нема да полуди, тој не е нормален‘“, вели Брега во својата порака до македонската публика.

Скопскиот концерт е закажан во годината кога се одбележуваат јубилејни 50 години од основањето на легендарните „Бијело Дугме“ и на само еден ден по прославата на 74. роденден на Горан Бреговиќ, најголемата рок легенда на балканските простори. Славеничкиот концерт ќе се одржи во спортскиот центар „Јане Сандански“, а интересно е дека вечерта на истата сцена ќе застанат и членовите на „Леб и сол“ баш онака како некогаш. Имено, во далечната 1977-ма година „Леб и сол“ и „Бијело Дугме“ прв пат застанале на иста сцена и тоа во Скопје, но не и последен, следувале уште неколку заеднички дружби ширум целата поранешна држава. Сега, после речиси 47 години следува реприза, но не како тогаш на Градски стадион, туку во СЦ „Јане Сандански“.

60-минутниот настап на Леб и сол ќе биде своевидно патување низ времето и враќање во далечната 1977 година кога членовите чекајќи го миксањето на деби албумот за ПГП РТБ ја добиле понудата да бидат предгрупа на „бандата“ на Бреговиќ.

Бијело Дугме, пак, е основано во Сараево во 1974 година со тогашниот вокал Жељко Бебек, тапанарот Ипе Ивандиќ и клавијатуристот Владо Правдиќ. Првиот албум „Кад би био Бијело Дугме“ им донесе голема популарност поради мешањето на хард рок музиката со балканскиот фолк. Бреговиќ денес живее во Париз и е еден од најпознатите светски музичари. Има настапувано во најпрестижните сали како „Ројал Алберт хол“ и „Карнеги Хол“, а пишува и филмска музика, свет во кој влезе по Бијело Дугме. Особено впечатливи се неговите соработки со Емир Кустурица.