Гром од ведро небо го скрати летувањето на 33 деца од Македонија во Вурвуру

17.06.2014 17:23

Тренерот Дино Хоџиќ е повреден и се наоѓа во болницата во Солун каде што е задржан на лекување. Децата поминале без повреди...

Во моментот кога удри гром со децата бевме на плажа. Никој не очекуваше дека удар од ведро небо ќе го скрати долгоочекуваниот одмор и ќе повреди еден од нашите колеги, вели Кирил Насков, претседател на клубот „Полар“ за незгодата што се случи во камп во грчкото летувалиште Вурвуру.

Тренерот Дино Хоџиќ е повреден и се наоѓа во болницата во Солун каде што е задржан на лекување. Децата поминале без повреди. Насков вели дека брзата реакција на останатите тренери ја спречиле паниката која настанала кај децата.

„Тренерската екипа реагираше соодветно, се погриживме да ги згрижиме децата брзо да се вратат во куќата, да ги смириме бидејќи беа вознемирени. Грчките екипи изреагираа професионално, брза помош дојде на лице место“, изјави Кирил Насков, претседател на „Полар“.

Кога го добив повикот бев смирена, затоа што знаев дека моето дете е во добри раце вели за МТВ Магдалена, родител на едно од децата.

„И покрај состојбата која настанала таму како резултат на природната несреќа, нашите деца беа смирени и безбедно беа вратени дома“, вели Магдалена.

Децата изутринава пристигнале во Скопје.

Сноуборд клубот „Полар“ организира школи, кампови и натпревари за сноубординг, скијање, вејкбординг и планинарење.

 

Викторија Тодоровска