ПРАВИЛА ЗА МЕДИУМСКО ПОКРИВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ И ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ 2024 ППС на МРА - Радио Скопје

22.03.2024 11:25

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Правилата претставуваат операционализација на обврските на Јавниот радиодифузен сервис за покривање изборни процеси пропишани во Изборниот законик.

Според изборната регулатива, Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди правично, избалансирано и непристрасно покривање на изборите во својата програма и да овозможи пристап до сите облици на изборно медиумско претставување – вести, посебни информативни програми и бесплатно политичко претставување на сите учесници во изборната кампања. Исто така, во соработка со Државната изборна комисија (ДИК), МРА-Радио Скопје е должно да ги информира граѓаните за начинот и техниката на гласање и за други информации поврзани со изборниот процес.

Оттаму, овие Правила утврдуваат во кои видови програми  ќе ги покрива изборните процеси, а ги сублимира и обврските и стандардите за обезбедување право на одговор и исправка на објавена информација пропишани во Законот за медиуми.

Правилата ќе се применуваат од денот на распишување на изборите (подолу во текстот: изборите) до нивното завршување.

II. ПОКРИВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ ВО ВЕСТИ

Вестите од распишување избори до почнување на изборната кампања

Во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања доследно ќе ги почитува стандардите и начелата за создавање на програмите утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, стандардите на новинарската професија од Етичкиот кодекс на новинарите и правилата за покривање на изборите со тоа што ќе обезбеди избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од власта и од опозицијата што се претставени во Собранието.

Вестите за време на изборната кампања и дистрибуција на времето

Првиот програмски сервис на МРА - Радио Скопје детално ќе ги покрива активностите од изборната кампања во Пладневниот радио весник и тоа,

- на Првиот  програмски сервис на МРА во ПРВ во терминот од 15.30 до16.00

 - во другите информативни изданија ќе известува за активностите од изборната кампања со помал обем и при тоа ќе ги почитува правилата за правично, избалансирано и непристрасно покривање на изборите.

Според член 76-а став 2 од Изборниот законик, за време на изборна кампања Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма, така што 30% од времето ќе посвети на информации за дневните настани од земјата и од светот, 30% од времето за активностите на политичките партии на власт, 30% од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10% од времето за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието.

Принципот на известување е на следниот начин:

-За избор на претседател на Републиката, во согласност со принципот на еднаквост за сите кандидати за претседател и во првиот и во вториот круг на изборите;

-За избор на пратеници во Собранието, во согласност со принципот на пропорционалноста според бројот на потврдени листи со кандидати за пратеници.

Законската одредба не предвидува време за активностите на независните кандидати, односно за кандидатите од група избирачи, но имајќи ги предвид позицијата и обврските на Јавниот радиодифузен сервис во општеството,за активностите на независните кандидати ќе информира во рамките на 10% посветени за информации од кампањата на политичките партии кои не се претставени во Собранието.

Информациите за активностите од кампањите на политичките партии на власт и на опозицијата секојдневно ќе ротираат, а тонот на известувањето ќе биде неутрален.

Известување за активностите на државната и локалната власт

Редовните активности на државните органи, органите на општините и на другите институции и организации со јавни овластувања во информативните изданија на МРА-Радио Скопје ќе бидат третирани во делот од вестите резервиран за случувањата од земјата и од светот. Имајќи ја предвид обврската од член 76-а став 12 од Изборниот законик, која пропишува дека од денот на распишување на изборите до нивното завршување, известувањето за редовните активности на државните органи, органите на општините и на Градот Скопје, на државните институции и организации, како и за активностите на правни и на

други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања не смее да биде во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект, МРА- Радио Скопје за нив ќе информира согласно со законските одредби со соодветни новинарски жанрови.

III. ИЗБОРИТЕ ВО ПОСЕБНИTE ИНФОРМАТИВНИ ПРОГРАМИ

Имајќи ja предвид неопходноста граѓаните да бидат информирани за програмите и за ставовите на сите релевантни политички субјекти, како и за разликите во нивните ставови и политики, особено во периоди на изборни процеси, МРА-Радио Скопје за време на изборите ќе емитуваа посебна информативна програма во рамките на емисиите Зум-Инфо,Актуелно и Радио Спектар.

Интервјуа

Интервјуата главно ќе се емитуваат со претставници на институции и организации задолжени за релевантни аспекти од организацијата на фер и демократски избори. По потреба, во зависност од видот на изборниот процес, МРА-Радио Скопје ќе емитува и интервјуа со потврдени кандидати на изборите или пак, со претставници на политичките партии. 

 IV. ДРУГИ ИНФОРМАТИВНИ И ЗАБАВНИ ПРОГРАМИ

Од распишувањето на изборите до нивното завршување, во своите преостанати информативни програми нема да известуваме за предизборните активности. МРА-Радио Скопје во образовната и забавната програма нема да има претставување на учесници во изборниот процес.

V. ИНФОРМИРАЊЕ ЗА ИСПИТУВАЊА НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ

МРА,Радио Скопје ќе известува за резултати од испитувања на јавното мислење само доколку е познат нарачателот на истражувањето и ако тоа е реализирано на репрезентативен примерок.

При објавување на резултатите од испитувања на јавното мислење ќе ги почитува следниве принципи:

- Задолжително ќе ги објави следниве податоци: името на нарачателот кој го побарал и го платил испитувањето, името на институцијата што го извршила испитувањето, применетата методологија, големината и структурата на испитаниот примерок и периодот во кој е спроведено испитувањето;

-  Ќе информира и за очекуваната маргина на грешка, особено кога разликата меѓу претендентите е во рамките на маргината;

- Резултати од испитувања на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес ќе објавува најдоцна пет (5) дена пред денот определен за одржување на изборите за првиот и за вториот круг на гласање;

- Резултати од испитувања на јавното мислење спроведени на самиот ден на изборите нема да објавува пред 19.00 часот, односно пред затворањето на избирачките места.

VI. ИЗБОРЕН МОЛК

За време на изборниот молк, МРА-Радио Скопје ќе продолжи да известува за изборниот процес и за текот на гласањето. Нема да емитува содржини кои би можеле да се сметаат за прекршување на изборниот молк. Оттаму, нема да објавува:

- Какви било информации, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите;

-  Какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите;

- Податоци со кои се открива идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето;

- Изјави од кандидати во изборниот процес, од учесници во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

VII. БЕСПЛАТНО ПОЛИТИЧКО ПРЕТСТАВУВАЊЕ

Во согласност со обврските за емитување бесплатно политичко претставување од Изборниот законик за време на изборната кампања ќе емитува бесплатно политичко претставување на учесниците во изборниот процес. Времето за бесплатното политичко претставување на секој од учесниците во изборниот процес ќе биде определено според принципите за избалансирано покривање на изборите (еднаквост, односно пропорционалност) утврдени во членот 75-а од Изборниот законик.

Бесплатното политичко претставување на МРА- Радио Скопје ќе се емитува во периодот од 16.30 до 18.00 часот, во рамките на емисијата ЗУМ инфо и Актуелно.

Бесплатното политичко претставување ќе биде означено како „бесплатно политичко претставување” во текот на целото времетраење на емитувањето.

VIII. ПРАВО НА ИСПРАВКА И ОДГОВОР

Кој може да бара објавување на исправка/одговор

Кој било учесник во изборниот процес (кандидат, политичка партија, коалиција итн.), како и секое физичко или правно лице има право без надоместок од одговорен уредник во МРА-Радио Скопје  да бара да објави:

- Исправка на објавена информација во која се наведуваат неточни факти објавени во информацијата, а со кои биле повредени неговите права или интереси, или;

- Одговор на објавена информација, доколку има поврзаност со фактите објавени во информацијата или има легитимен интерес.

    Барањето за објавување исправка, односно одговор се поднесува во писмена форма:

-  Образложено и потпишано од подносителот, со сите потребни податоци за него;

-  Со јасно посочување на информацијата (или податокот) на која се однесува и датумот на нејзиното емитување.

Рок за објавување и други услови

                За време на изборниот процес исправката, односно одговорот, ќе бидат објавени во првото следно издание на програмата во која била објавена информацијата на која се однесуваат. Доколку барањето за исправка, односно одговор не е поврзано со изборниот процес, тогаш ќе се применуваат одредбите за нивно објавување утврдени во Законот за медиуми („Службен весник на Република Македонија“ бр. 184/2013 и 13/2014).