Почина Мирко Попов, автор и продуцент на електронска музика
На 51 година, почина Мирко Попов, еден од најпознатите македонски автори и продуценти на електронска музика ...

Откако беше хоспитализиран, после неколку дена, на 51 година, почина Мирко Попов, еден од најпознатите македонски автори и продуценти на електронска музика.
Мирко Попов беше сеприсутна појава во урбаниот, културниот и јавниот живот на Скопје и пошироко. Редовно настапуваше по кафулиња, дискотеки и фестивали, постојано снимаше и издаваше музика и неуморно промовираше млади музичари.
Првиот професионален ангажман како диџеј го добил во 1992, а истата година доби простор во култното скопско музичко радио „Канал 103“, што е еден од клучните моменти во неговиот развој како личност и музичар. Од 2008 до 2010 бил главен и одговорен уредник на „Канал 103“.
Во 1993 е во епицентарот на македонската техно-културна револуција, ставајќи го Скопје на мапата на ова современо движење. „Канал 103“ бил главниот катализатор и на овој модерен восклик на новата генерација, решена да расчисти со културната и сеопштата заостанатост во земјата. Во 1998 година ја формирал ПМГ Рекордингс, дискографска куќа која има намера да ја регистрира и промовира квалитетната музика на новото време, славејќи ја современата култура и исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато. Дел е и од опскурниот и култен бенд / проект Кантон 6, со кој досега има издадено повеќе ЕП изданија и албумот „Чил Фолк“.
Има остварено повеќе улоги во театарски претстави, како и на филм.