Серијата „3 Body Problem“ најгледана на „Нетфликс“

04.04.2024 10:49

Серијата „3 Body Problem“ е создадена од Дејвид Бениоф и Д. Б. Вајс (креаторите на Game of Thrones), како и Александар Ву, а се заснова на истоимената книга од Лиу Цишин. Објавени се осум епизоди...

Научнофантастичната серија „3 Body Problem“ е новата најгледана на стрим-платформата „Нетфликс“. Објавена е на 21-ви март, а од 25-ти до 31-ви март корисниците потрошиле вкупно 115 милиони часа на стримување на оваа серија. Со тоа, таа го истисна „The Gentleman“ на Гај Ричи од првото место.

Серијата „3 Body Problem“ е создадена од Дејвид Бениоф и Д. Б. Вајс (креаторите на Game of Thrones), како и Александар Ву, а се заснова на истоимената книга од Лиу Цишин. Објавени се осум епизоди, а главните улоги ги толкуваат Бенедикт Вонг, Џес Хонг, Јован Адепо, Еиза Гонзалес, Зин Ценг и други. Серијата е во топ-10 листата во 93 земји во светот, а првото место го зазеде во Австрија, Белгија, Аргентина, Бразил, Канада, Чешка, Данска, Финска, Словенија, Италија, Србија, Хрватска.

Авторите на серијата најавија и нови сезони.

„Не би рекол дека ќе се задржиме само на три сезони. Имаме некои сериозни замисли за тоа што ќе правиме во втората сезона. Сакаме да дојдеме до крајот на трилогијата … И тоа веројатно ќе се случи. Ќе има повеќе од две сезони – тоа е сигурно, но тешко е да се знае колку точно“, изјави Александар Ву.

Трилогијата е инспирирана од вистинска научна загатка во астрономијата и математиката. Таа опишува зошто често е тешко да се предвиди долгорочната траекторија на планетите, месечините и ѕвездите.

ТВ-серијата следи петмина научници кои студирале кај ист професор на Универзитетот Оксфорд и потоа секој тргнал по свој пат. Тие одново се поврзуваат откако нашата планета ќе се соочи со закана од вонземската раса Сан-Ти, која се движи кон Земјата со цел да ја колонизира, а во меѓувреме се обидува да го успори брзиот технолошки напредок на луѓето.