НАТО и ЕУ- приоритети на Владата во надворешната политика

19.06.2014 16:19

Програмата е водилка за реализација на ветеното, не заради идни избори туку заради како што појасни, образот и репутацијата. Честитајќи им го изборот на сите пратеници, Груевски повика на соработка...

Членството во НАТО, отпочнување на преговорите и членство во Европската Унија, надминување на наметнатиот спор за името од Грција, се приоритетите и во новата владина програма. Ќе работиме и на целосното исполнување на Копенхашките критериуми, усвојување на ЕУ- законодавството и негова примена, рече Груевски. Влада е посветена на политичкиот дијалог со Грција за надминување на спорот, но без промена на Уставот и на името.

„Владата нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија и нема да прифати идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет,засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Владата нема да дозволи кое било решение за спорот што го наметна Грција да биде прифатено без предходно за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум,а притоа мнозинството граѓани што ќе излезат на референдум да се согласат со можното решение“, истакна Груевски.

Етничките прашања не смеат да ја одземаат силата на општеството, а рамка на овластувањата се Уставот и законите, додаде Груевски во однос на имплементацијата на Охридскиот договор. Програмата е водилка за реализација на ветеното, не заради идни избори туку заради како што појасни, образот и репутацијата. Честитајќи им го изборот на сите пратеници, Груевски повика на соработка.

„Честитката е подеднакво упатено и до вас присутните пратеници и до оние кои заради политиките и интересите на партиското раководство решија денес да не следат преку медиумите, и за кои верувам набрзо ќе се вратат во оваа сала за која толку многу ги молеа граѓаните да им ја дадат таа шанса, и тоа само пред околу 2 месеца“, рече Груевски.

За да се оствари зацртаното, потребно е да има континуитет во реформите, целосна мобилизација и обединетост, заклучи во експозето, Никола Груевски. 

Милчо Велески