Петто издание на фестивалот „Крај Вардарот Џез“, во чест на Мирко Попов
Од 20 до 27 април ќе се одржи петтото издание на „Крај Вардарот Џез“. Фестивал кој произлезе од големата љубов, визионерство и посветена работа на Мирко Попов и Владан Дробицки за интегрирање автори и изведувачи од македонската музичка сцена во сферата на џез, светска и современа музика ...

Од 20 до 27 април ќе се одржи петтото издание на „Крај Вардарот Џез“. Фестивал кој произлезе од големата љубов, визионерство и посветена работа на Мирко Попов и Владан Дробицки за интегрирање автори и изведувачи од македонската музичка сцена во сферата на џез, светска и современа музика. Годинашното фестивалско издание нуди исклучителна програма на македонска авторска музика селектирана од Попов и Дробицки, која излегува од границите на музичките жанрови, спојувајќи џез, електроника и современа музика.
Со длабок поклон, „Крај Вардарот Џез Фестивал 2024“ се реализира во чест на Мирко Попов. Визионер, иницијатор, куратор и организатор на фестивалот и целокупната музичка дејност поврзана со работата на „ПМГ Џез“, сублејбл за џез и светска музика на матичната дискографска куќа „ПМГ Рекордингс“. „ПМГ Џез“ зад себе има 46 изданија македонска музика. Крај Вардарот Џез Фестивал 2024 е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и едукативниот културен центар Лабораториум.
Концертниот настап „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар. Онлајн продажбата на билети е достапна преку bileti.mk. Блок билети за 23 и 27 април се по цена од 600 денари и поединечен билет 400 денари. Програмата за 20 април е бесплатна.
Фото:/ ФБ PMGJAZZ