„Џез лектира“ во Велес

19.04.2024 11:52

Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“...

По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.

Овој концерт ќе претставува навраќање на биг бенд ерата, позната и како ера на свингот. Овој период претставува значаен период од музичката историја во кој популарната музика во САД доживува своевидна трансформација. Големи ансамбли, пишани аранжмани кои се истакнуваат наспроти спонтаните солирања, доминација на свинг ритамот, наплив на иновативни композитори, се дел од карактеристиките на оваа ера која го доживува својот врв во периодот од 30-тите до средината на 40-тите години на 20-тиот век.

Во тој период се истакнува една група музичари кои како лидери на своите биг бендови прават вистинска револуција во џез музиката во тој период, Меѓу најважните имиња во биг бенд ерата се вбројуваат Дјук Елингтон, Бени Гудман, Глен Милер, и секако Каунт Бејси.

На концертот „Џез Лектира“ ќе биде изведено дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси-американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“.

Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично.